Коалиции за Локални или локално пазарење?!

18 October, 2017 - 21:53

БЕСА и Алијанса за Албанците взаемно ќе се поддржат во 12 општини. Ги повикаа членството и симпатизерите да гласаат за нивните кандидати за градоначалници како да се заеднички, со што и официјално го потврдија вчерашниот договор меѓу лидерите за коалиција во вториот круг на локалните избори. Се надеваат дека на тој начин ќе ги максимизираат резултатите во  Чаир, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар, Долнени, Сарај, Липково, Врапчиште, Теарце, Боговиње и Студеничани.

Намерата на Села и Касами е да го исфрлат Ахмети од игра на повеќе нивоа.

Од ДУИ велат дека тоа не е возможно. Сигурни се дека оваа коалиција нема да наиде на добар одѕив кај гласачите.

За Османи, шанси за успех има само нивната коалиција со СДСМ, затоа што програмите им се надополнуваат, особено тие на Петре Шилегов и на нивниот кандидат за Чаир, Висар Ганиу. Очекуваат поддршката од активистите на СДСМ да ја добијат и во вториот круг. Аналитичарот Алајдин Демири, пак, вели дека ова и не се вистински коалиции, туку класичен пазар.

Добро, вели Демири, е што ова е можеби почеток на една солидна коалиција, како и на отрезнување кај партиите, затоа што кај Албанците нема електорат за четири партии, членството се јаде меѓу себе, гласовите се распарчуваат и ниту една не може да се позиционира солидно. Смета и дека, БЕСА и Алијансата се обидуваат да ја спречат реинкарнацијата на ДУИ на овие избори, на што интегративците се надеваат. Според него, крајно време е лидерството на ДУИ кај Албанците да се разниша и ова е добар момент за тоа.

Демири е сепак скептичен за тоа, како овие коалиции ќе поминат кај гласачите,  кои, вели, се третираат како стока. Убеден е дека електоратот полека зрее и веќе нема да слуша наредби од типот, бланко да се преориентира лево или десно.

За шпекулациите дека БЕСА ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, иако тоа никогаш не беше ниту потврдено ни демантирано, вели дека е политички логичен потег, кој треба да се случи. Тоа би била опозициска коалиција, која ќе спречи да не ни се повтори минатото, иако се потребни многу совпаѓања и во програмите и во интересите од простиот факт дека едната е партија на Македонци, а другата на Албанци.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 1128 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.