Кочан се изјасни за невин, Авировиќ ќе докажел невиност, Ватиќ не бил голем играч

14 November, 2017 - 16:39

Не сме виновни, се изјаснија Сеад Кочан, Василие Авирович и Сафет Ватиќ, обвинети во предметот на СЈО, „Труст“. И преставниците на нивните фирми, Трансмет, Силекс Неметали и Вато велат дека не учествувале на тендер на ЕЛЕМ со фалсификувани документи. Изјави пред камера не дадоа, пред судот убедуваа дека ќе докажат дека имале и машини и вработени, толку и такви какви што се барало на тендрот. Ја извршиле работата за ископ на јаглен и порано од договореното.

„И на мало дете му е јасно дека она што го сработиле од тендерот, чини пари. Дефект во обвинениетое е посочената имотна корист. Никој никого не измамил туку сакале да обезбедат работа за сите вработени“, соопшти Миле Петровски – адвокат на Сеад Кочан.

Во воведните зборови Специјалните обвинители истакнаа дека пред лицето на правдата стои криминално здружение кому единствен и главен сврзувачки елемент му е незаконскиот профит. Убедуваа дека имаат докази со кои ќе докажат дека криминалот се исплател оти обвинетите трупале пари и се збогатиле на штета на граѓаните. Доказите им ги предадоа на адвокатите ама не и прислушкуваните разговори од кои произлегува обвинението.

А за луѓето од овие разговори еден од адвокатите рече дека имал впечаток дека токму нив ќе ги види во судницата, а не неговиот клиент кој како што рече не е играч од висок ков за големи игри.

И покрај обидите на одбраната да се одложи сепак денеска започна главната расправа за предметот „Труст“. Судијката Лидија Трајковска закажа термини за дури осум рочишта за во наредните месец и половина. Адвокатите негодуваа поради набиена агенда, дел од нив коментирајќи дека обвинетите нема да можат да ги исплатат. Судијката направи отстапки само за славата Свети Никола. 

Билјана Николовска

Веста е прочитана 6314 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.