Коѕиас и порача на Европа да не создава втор Груевски, а Скопје да го научи на концептот на политички консензус

17 July, 2017 - 19:34

Комуникацијата меѓу Скопје и Атина е многу подобра со новата влада, му кажал грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас на медијаторот Метју Нимиц денеска во Брисел, но Грција се уште очекува и нови суштински знаци на добра волја. Коѕијас тоа го очекува и за време на посетата на Македонија, најверојатно на 31 август, за која најавува дека сака со министерот Никола Димитров да разговара за спорот со името што не беше отворено на нивната средба во Атина.

„Имав многу интересна и сериозна средба со господинот Нимиц, кој неодамна го посети Скопје и ме информираше за состојбата таму. Јас го информирав како размислуваме по нашите средби со новата влада на северниот сосед. Се согласивме да останеме во контакт и да бараме начини за отворање на процес за наоѓање решение“, изјави Коѕијас по средбата. 

Медијаторот Нимиц за грчките новинари во Брисел изјавил дека ништо нема да се случи набрзо, но ќе стори се за да се реактивираат сериозни разговори и да се бараат можни решенија за проблемот со името. Нимиц и во Скопје рече дека нема да има драстични промени наредните месеци и затоа не е време да се излезе со дефинитивни предлози.

А како размислува Коѕијас по смената на власта во Македонија, открива во интервјуто за Еуроактив во кое вели дека дека актуелната влада го смирила тонот и реториката, но проблемот е во тоа што Европа мора да ги едуцира лидерите во Скопје на концепт на политички компромис и култура на политички консензус. Тој бара од Европската Унија да не ги разгалува.

„На моите европски пријатели им велам, немој да создадете втор Груевски, бидејќи Заев ги има сите предуслови да разбере и да се отвори кон реално решение. Ќе работиме за ова решение и се надевам дека ќе добиеме одговор и ќе се избегне мешањето на трети страни кои ќе го отежнат пристапот кон ова решение“, вели Коџијас. 

Инаку средбата во Брисел ја закажа официјална Атина, откако Нимиц беше во Скопје, но не можеше потоа да се сретне со грчката страна заради преговорите за Кипар. Нимиц со ова ја заврши оваа рунда разговори по двегодишна пауза, но можно е повторно да се сретне со македонските и грчките власти за време на Генералното собрание на Обединетите нации во септември во Њујорк.

Сања Васиќ

Веста е прочитана 8310 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.