Коѕијас: Очекува од Европа да ја едуцира владата во Скопје на култура на политички компромис

17 July, 2017 - 16:14

Специјалниот пратеник на Обединетите Нации, Метју Нимиц попладнево во Брисел ќе се сретне со грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас, по завршувањето на Министерскиот совет на ЕУ. На оваа средба ќе се разговара за можноста за напредок во преговорите за спорот со името.

Во Скопје пред две недели Нимиц изјави дека не очекува драстични промени следните месеци и затоа не е време да се излезе со дефинитивен предлог. Грчкиот министер Коѕијас пред да се сретне со Нимиц, за Еуроактив изјави дека актуелната влада во Скопје го намалила тонот и претходната реторика и нивото на комуникација е многу покоректно. Но суштински вели дека не гледа ништо ново и се уште чека.

„На моите европски пријатели им велам не создавајте втор Груевски затоа што Заев ги има сите услови да разбере и да биде отворен за реално решение“, изјави Коѕијас за Еуроактив и додава дека се надева дека нема да има мешање од трети страни.

Коѕијас повторува и дека очекува од Европа да ја едуцира владата во Скопје на култура на политички компромис и консензус.

Средба во Брисел ја закажа официјална Атина откако Нимиц беше во Скопје, но не можеше потоа да се сретне со грчката страна заради преговорите за Кипар. А Коѕијас се очекува кон крајот на август да дојде во посета на Македонија. 

Веста е прочитана 2519 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.