Колку се реални заканите за атентат?!

8 November, 2017 - 21:39

Глигоров, Трајковски, Црвенковски, Груевски, Заев, покрај тоа што заеднички им е што ја водеа државата, втората заедничка нишка им е дека како функционери добивале закани или дека има оперативни сознанија за да им се загрози безбедноста. Некои од нив сами си ја објавуваа заканата, како Заев во интервју на црногорска изјава, за други пак како Груевски и Ахмети- други, односно претседателот на државата соопштуваше дека има закани за нив. Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на брифинг рече:

„Претседателот на Владата Зоран Заев е под константна закана за атентат од 2015 година, МВР и службата превземаат сериозни мерки за заштита на сите државни функционери за кои постои степен на ризик по нивниот живот. Во моментов до премиерот Заев нема директна закана упатена од личност или од групи, за разлика од 2015-та година кога беше пријавено и за што доби обезбедување“.

Изјавата на Заев за заканата од атентат, според министерот Спасовски се однесува на можност да се случи нешто лошо во процесот на приближување на Македонија кон НАТО.

Колку е реална, колку е голема таа закана - засега нема официјални и во јавност споделени информации. Но, не е само Заев.

За смртни закани и атентати се зборуваше и пред две години, на Совет за безбедност кај претседателот Иванов. Првично беше објавено дека има сознанија од закани за двајца политички лидери, а потоа се дозна дека заканите се за тогашните коалициони партнери Никола Груевски и Али Ахмети. Заканите беа нотирани пред и по инцидентот во Диво Насеље. Во тој период 2014-та и 2015-та имаше и два ракетни напади со рачен фрлач врз владината зграда. Немаше повредени, а беше оштетена новата фасада која се правеше. Не беа расветлени ниту ракетите ниту заканите.

„Атентат“ во една реченица значи убиство на јавна личност, најчесто на политички лидер или владетел, извршено од политички причини, извршено како порака или како одмазда.

Во Македонија како атентат, официјално е заведен трети октомври 1995-та, кога со автомобил бомба беше нападнато возилото на првиот македонски претседател Киро Глигоров. Загинаа тројца, а Глигоров беше тешко повреден, но успеа да се врати на политичката сцена. Никогаш не беше откриено кој го нарачал, со кои мотиви и кој го извршил атентатот. По атентатот Македонија ја потпиша времената спогодба со Грција и го смени знамето.

Вториот претседател Борис Трајковски загина во пад на авион кај Мостар во февруари 2004-та. Иако имаше две истраги кои завршија со главна поента- дека станува збор за несреќа, се уште владеат подделени мислења постојат многу подржувачи на теоријата дека е извршен атентат. Дента кога загина Македонија требаше да ја поднесе кандидатурата за членка на ЕУ. 

И третиот претседател Бранко Црвенковски беше спојуван во иста реченица со зборот атентат, откако 10 месеци по смртта на Трајковски - бугарската полиција соопшти дека уапсиле 22-годишен македонски студент од факултетот по ветерина во Стара Загора кој преку интернет му упатувал закани на Црвенковски.

Заканите од атентат врз политичари од врвот и натаму се појавуваат и предизвикуваат интерес во јавноста. Досега освен студентот во Бугарија за интернет заканата за Црвенковски, никој не бил уапсен или суден за заканите.

Снимките пак што сега ги гледате се од заедничка вежба на специјалците Тигри и на 6-тата управа, одделот на МВР за заштита на високо позиционирани личноста. Таа вежба се одржа на 21-ви октомври, половина месец пред изјавата на Заев дека има закани кон него. Специјалците и полицајците - обезбедувачи вежбаа и како да се справат со атентатор кој може да излезе од група поддржувачи на политичарот кој ги отпоздравува. Атентаторот во вежбата беше совладан, носеше тренерка со натпис „Македонија“ и пиштол на појасот. По две недели следуваа изјавите за закана од атентат.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 7232 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.