Културна политика или политизација на културата?

1 July, 2017 - 17:00

Дали постои политизација на културата и во кои сегменти најчесто се манифестира ?  Доколку се прашува хрватскиот писател и колумнист Емир Имамовиќ  тие механизми на цензура јасно се препознаваат во т.н „неподобни“ писатели, новинари и режисери за чие жигосување тој често пати пишува во своите колумни и книжевни дела.

„Сега само е прашање колку политиката е еманципирана и просветена па ќе и овозможи на културата слободно да се развива, или е нееманципирана како што неодамна се случуваше во Хрватска и се случува апсолутна контрола и цензура, вели писателот и новинар Емир Имамовиќ. 

Фактичката состојба на исполитизираност на културата се разоткрива и во медиумите кои низ “говорот на омраза“ одлучуваат за иднината на едно уметничко дело без притоа да ги земат предвид естетските вредности, смета Ренато Баретиќ, чии книжевни дела се преведени на повеќе светски јазици.

„Се затвораат независните медиуми и на писателите не им се плаќаат хонорари. Десничарските партии се обидуваат да ги исфрлат театарските претстави, смета писателот и новинар Ренато Баретиќ. 

Зад некои идеологии вешто се манипулира со чувството на припадност и промислувањето на националниот идентитет, додава Баретиќ кој во своите колумни во хрватските весници во повеќе наврати се осврнува на ваквата манипулација .

„Сега треба само да се бара трагата на парите, ништо повеќе, не постојат идеологии. И верувајте ми идеологиите се само параван, треба само да се бара трагата на парите. И зад нацизмот исто така се парите, смета Баретиќ. 

Клучното прашање кое ме мачи е врската меѓу национализмот и криминалистичкото дејствување, вели Имамовиќ.

„Пишувам  за  нашата стварност. Таа до пладне е националистичка, а од пладне криминалистичка. Повеќе и не знам кое за што е покритие. Дали криминалот е покритие за национализам или национализмот е совршена маска за да може мирно и енормно да се краде, вели Имамовиќ. 

За почеток треба јасно се разграничи што е културна политика, а што исполитизираност на самата култура за да не се соочуваме со нешта кои имаат далекусежни последици за кои малкумина се свесни, велат хрватските писатели и новинари Баретиќ и Имамовиќ.

 

Нина Стефанова 

Веста е прочитана 557 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.