Културните работници обвинуваат за „естрадизација“ на летните фестивали

8 July, 2017 - 16:04

Бројните фестивали во текот на летото и овој пат го отворија горливото прашање до кога зад превезот на културните манифестации се затскриваат содржини кои само ја естрадизираат домашната музичка сцена со години наназад.  Мноштво компромиси во името на различните вкусови на публиката, минимум квалитет во нивната суштина, смета композиторот Александар Пејовски чии дела се изведувани на повеќе музички сцени во светски рамки. 

„Можам слободно да кажам дека поголема естрада од класика во моментов нема, значи на светско ниво. Прво они не се Цеца, а се обидуваат да бидат Цеца, мислам она е искрена и знае што прави. Проблемот е што класичната сцена и на институционално ниво се обидува да го направи истото што го прави Цеца, да ја популаризира класичната музика, а со тоа и естрадизира“, вели композиторот Пејовски.

Ваквата состојба имајќи ги предвид летните фестивали кај нас говори за недостиг на јасно разграничување што е култура, што естрада, смета музичкиот новинар Ненад Георгиевски.

„Дали е тоа државна политика, бидејќи во изминатава декада турбо фолкот и тој продор беше државен проект, поддржан и промовиран“ вели музичкиот новинар Ненад Георгиевски.  

Целиот проблем лежи во креирањето на т. н концепти за „сечиј вкус“, не во финансиските средства, смета Пејовски .

„За било каков уметнички проект кој има вистинска уметничка артистичка цел, но кој нема да прифати цел ПИВО ФЕСТ, значи да го пресели таму, во тој случај нема средства. Односно кралот го вози дворскиот шут во сопствената кочија, е тоа е тоа. Тоа е ова време“, смета композиторот Александар Пејовски. 

„Многу работи се пореметија, нормално кога се организира некаков настан којшто е практично инвестиција, се гледа да се преживее, нели со тие скромни средства кои ги имаме на располагање“, вели Георгиевски.  

Во оној миг кога јасно ќе се разграничат културата и естрадата, без при тоа да се девалвираат различните стилови и жанрови може да говориме за државна стратегија во креирањето на културните политики, заклучува Пејовски.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 1844 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.