„Квин“ бара Трамп да не ги користи нивните песни во кампањата

10 June, 2016 - 12:36

Брајан Меј, гитаристот на британската рок-група „Квин“, побара од републиканскиот претендент за Белата куќа, Доналд Трамп да престане да ги користи песните на бендоѕ во предизборната кампања.

Реакцијата дојде откако прес-конференцијата по повод победничкиот говор на Доналд Трамп во вторникот вечерта, беше најавена со легендарната песна на „Квин", „We are the champions" („Ние сме шампиони").

На својата веб-страница, Брајан Меј објави дека оттогаш добил „лавина од негодувања".

- Тоа не е официјална позиција на „Квин“, но можам да потврдам дека од нас ниту е побарано, ниту сме дале дозвола за користење на таа наша песна, соопшти Меј.

Тој најави дека членовите на бендот се консултирале околу тоа што да преземат, за да не дозолта тоа да се повторува во иднина.

- Независно од нашето мислење за платформата на г-н Трамп, поради морални принципи никогаш не сме дозволиле музиката на „Квин“ да се користи за политички цели. Нашата музика ги изразува нашите мечти и убедувања, но таа е за сите кои сакаат да ја слушаат и да и се насладуваат, гласи соопштението на Брајан Меј.

„Квин“ е уште едно име во долгиот список на бендови и музичари, кои јавно побараа нивната музика да не се поврзува со американскиот милијардер Трамп. Во таа листа спаѓаат и „Ролинг Стоунс“, Нил Јанг, РЕМ, „Аеросмит“ и Адел.

 

Веста е прочитана 304 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.