Лани нови 5000 граѓани станале сиромашни

27 October, 2017 - 18:59

Сиромаштијата повторно расте во земјава. Само во текот на минатата година повеќе од 5000 нови граѓани се „запишале“ на непопуларната листа на сиромашни. Стапката на сиромаштија на крајот на минатата година достигнала 21,8 отсто од населението, откако во 2015 беше на ниво од 21,5 проценти, што значи дека е регистриран пораст за 0,3 процентни поени. Државната статистика денеска јави дека на крајот на минатата година бројот на граѓани што живеат под прагот на сиромаштија е дури 450.500 лица.

Експертите велат дека ситуацијата е загрижувачка, особено е алармантен порастот на сиромашни меѓу самохраните родители со издржувани деца.

Според Геровска, сиромаштијата лани пораснала кај маѓите, кај лицата од 18 до 64 години, а се намалува кај пензионерите.

„Според Државниот Завод за статистика, во земјава стапката на сиромашни пензионери е 7,1 отсто. Пензионерите со кои разговаравме велат дека не влегуваат во категоријата на сиромашни граѓани, иако се жалат дека се потешко врзуваат крај со крај во месецот“.

Невработеноста и ниските плати и пензии, според граѓаните, се главните причини што секој петти граѓанин во земјава е сиромашен, иако тие наведуваат и други причини.

Стапката на сиромаштија на домаќинствата од двајца возрасни со две издржувани деца во 2016 21,2 отсто, но највисока стапка на сиромаштија, од 50,6 проценти, има кај домаќинствата со три и повеќе издржувани деца. Невработените се со најголема стапка на сиромаштија, 41,1 отсто, но сиромашни има и кај вработените, 9 проценти . Коефициентот Џини кој ја мери нееднаквоста во распределбата на приходите изнесува 33,6 проценти, што е минорно намалување во однос на претходната година.

Стапката на сиромаштија пред да се доделат пензиите и социјалните трансфери изнесувала 41,6 проценти.

Македонија влегува меѓу неколкуте најсиромашни европски земји. Од Владата неодамна за Телма најавија дека стапката на сиромаштија се уште е на изразено високо ниво, затоа и ќе биде нивниот приоритет, пред граѓаните се обврзале дека до 2020 година ќе ја намалат под нивото од 16 проценти. Министерството за труд и социјала најавува сеопфатна реформа на системот на социјална заштита.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 892 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.