Лица со посебни потреби станаа актери

27 May, 2017 - 15:22

Предрасудите се разбиени. Лицата со посебни потреби веќе не се само неми набљудувачи на претстави во нивна чест, туку и активни учесници. Тоа го докажува претставата „Бакнати од сонцето“, која независниот театар „Пи“, ја подготви со лица со интелектуална попреченост, од дневниот центар „Порака“. Убаво им е да бидат актери, велат учесниците и признаваат дека имаат различни афинитети.

„Говорот на текстот ми е најубав. Кога го читам, тоа ми е најдобро“, вели Лира Бошковиќ, штитеник на Дневен центар „Порака“

„Ме привлекува танцувањето, играта и да рецитирам“, вели Јулија Павлова, исто така штитеник на дневниот центар.

„Од првата сцена во автобус, до последната која ја слави љубовта како космички подарок за човештвото, претставата е базирана на фантазијата, идеите и погледот на светот, на 15-тината учесници. Скоро секој од нив има своја сцена со говор или читање проза или поезија, со танц, пантомима и видео. Целта е, велат од театарот „Пи“, на лицата со посебни потреби да им се даде можност за уметнички израз, по примерот на специјализираните театри во Скандинавија“, вели Никола Огненовски, штитеник на Дневен центар „Порака “

„ Во Македонија, можеби и подалеку, воопшто не се работи ангажиран театар од ваков тип, дали било со социјални случаи или со лица со интелектуална попреченост, какви што се овие деца тука. Тоа е нешто што не е давање шанса, туку нешто што е нормално“, смета Златко Митрески од независниот театар „Пи“.

За потребите на претставата, учесниците совладуваа повеќе актерски техники, како професионалци.

„Сакам да глумам, да снимам филм, да ме гледаат на телевизија“, додава Огненовски.

„Танцот го играме со Никола и играме танго. Јас сакам да играм“, вели Катерина Ѓуроска, штитенчка на дневниот центар „Порака“.

Ова не е прв заеднички проект на независниот театар „Пи“ и штитениците од дневниот центар „Порака“. Тие во 2013 година заеднички ја направија претставата „Малиот принц“, а во 2014, претставата „Сонце во мојата уста“. Едноставно, „Бакнати од сонцето“ е логично продолжение на нивната досегашна соработка.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1959 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.