МААЕ без проблеми ја контролираме иранската нуклеарна програма

20 October, 2017 - 10:09

Меѓународната агенција за атомска енергија без проблеми спроведува инспекции во Иран, а Техеран е многу внимателен по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да не го потврди договорот за иранската нуклеарна програма, изјави директорот на оваа организација Јукија Амано.

- Одлуката на Трамп е донесена неодамна, но можам да кажам дека Иранците се многу внимателни и ние без проблеми продолжуваме со нашите контроли и проверки, изјави Амано по синоќешната средба со шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан во Париз.

Минатиот петок, Трамп соопшти дека одлучил да не го потврди историскиот договор склучен во 2015 година во Виена, меѓу Иран и големите сили. Сепак, тој не го поништи, како што вети во предизборната кампања. Со одбивањето на Трамп да го потврди договорот, почнува период на неизвесност, а Конгресот доби 60 дена за повторно воведување или одбивање тешки економски санкции кон Техеран, кои САД ги укина во 2016 година, согласно Договорот.

- Имавме пристап до местата кои требаше да ги посетиме, категоричен е Амано, чија организација е задолжена за надзор на имплементацијата на договорот и врши редовни инспекции во Иран. Сепак, Вашингтон бара тие контроли да бидат посложени.

Амано имаше средба и со францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја потврди посветеноста на Франција кон иранскиот нуклеарен договор.

Макрон побара од МААЕ да следи дали Иран ги почитува во целост одредбите од договорот, со кои иранската нуклеарна програма се става под строг надзор во замена за укинување на меѓународните санкции.

Иран и шест светски сили – САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија – на 14 јули 2015 година во Виена го постигнаа историскиот договор.

Веста е прочитана 254 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.