Мадрид и Барселона не можат да најдат заеднички јазик

5 October, 2017 - 17:05

Шпанската влада и Каталонското претседателство ја продолжија војната на зборови. Мадрид денеска ги отфрли барањата на каталонскто водство за отпочнување преговори и ги нарече уцените најавите на Каталонија за брзо прогласување независност. Каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон доцна синоќа во телевизиско обраќање го критикуваше шпанскиот грал Фелипе за неисполнувањето на неговите уставни обрвски.

„Кралот ја испушти шансата вчера да се обрати на целото граѓанство, кое и должи почит на круната, како што стои во Уставот. Устав кој му ја дава улогата на модератор, која не ја исполнува во никој случај, и која вчера грубо ја одби“, обвини Пуџдемон.

Критиките кон кралот го натераа Мадрид да го прогласи Пучдемон за исклучен од реалноста. Шпанската влада го повика Пуџдемон да започне да ги почитува шпанскиот устав и законите пред да може да стане збор за било какви преговори. Но каталонскиот претседател обвинува дека Мадрид никогаш не објавил подготвеност за преговори.

„Мирот, дијалогот и согласноста секогаш биле дел од културата на нашиот народ. Ние никогаш не сме добиле одговор од државата на ниту еден од предлозите за медијација, кои ги имаме на маса“, рече Пуџдемон.

Каталонскиот бизнис сериозно ги сфаќа заканите за отцепување, па според шпанските медиуми, најголемите банки во регионот, Сабадел и Каиксабенк планираат да ги префлрат своите централи од Каталонија, за да останат во еврозоната. Некои помали компании веќе одлучиле своите седишта да ги преселат во Шпанија.

Дури 90 проценти од Каталонците кои излегоа на референдумот гласале за независност. 900 лица беа повредени во немирите кои избија за време на гласањето, откако полицијата се обиде да го спречи референдумот.

Игор Трајков

Веста е прочитана 388 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.