Македонија без кандидат за „Оскар“

25 September, 2017 - 20:57

Во писмената реакција, по повод одбивањето на филмот „ Кога денот немаше име“ , од комисијата при Друштвото на филмски професионалци,  која одлучуваше за македонскиот кандидат за „ Оскар“, следната година, во категоријата филм од неанглиско говорно подрачје, продуцентката Лабина Митевска вели дека требало пошироко да се објаснат критериумите според кои биле одбиени.

-Понижувачко и збунувачко е штурото образложение, дека филмот не ги задоволува естетските и наративните критериуми. Среќа за филмот што никој од комисијата не е селектор на Берлинскиот фестивал, ниту на други триесетина фестивали до сега. Среќа за филмот што никој од комисијата не е меѓународен продажен агент, ниту пак дистрибутер на далечниот исток и во Кина, каде филмот е веќе распродаден.

На Фејсбук реагираше и режисерот Горан Тренчовски, чиј филм „ Златна петорка“ , ја доби наградата за најдобар странски филм на фестивалот во Мумбај, а успешно се претстави и во Њу Џерси. Тој напиша дека за одлуката на комисијата ќе ја извести Американската филмска академија и побара таа да се поништи.

-Барам оваа штетна одлука да се поништи. Ова е голем срам и понижување за Македонија и за македонските филмски и културни работници. Надлежните институции треба да преземат мерки и постапки за преиспитување на валидноста на овој гнасен чин, а дејствувањето на ваквите злосторнички и нехумани групации, кланови и структури, треба под итно да се спречи.

Телма го контактира претседателот на ДФПМ , Роберт Насков, кој ја предводеше 6 члената комисија за избор на наш кандидат за „ Оскар“ . Но, тој рече дека нема што повеќе да додаде од тоа што е изнесено во соопштението. Ова не е прв пат Македонија да остане без свој кандидат за „ Оскар“. Во 2013 година пред комисијата  на ДФПМ, на чие чело тогаш беше Горјан Тозија, не поминаа филмовите „ Балканот не е мртов“, на режисерот Александар Поповски и „ Соба со пијано“, на Игор Иванов - Изи. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1923 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.