Македонија ќе се обиде да се качи на возот за ЕУ со Србија и Црна Гора

9 November, 2017 - 15:49

Министерот за надворешни работи бара од Европската комисија во следниот извештај да ни се даде повеќе простор да се надоместат заостанатите реформи. По денешната средба со неговиот црногорски колега, Срѓан Дармановиќ, Димитров изјави дека Македонија ќе направи се што може да стане членка на ЕУ заедно со Црна Гора и Србија.

Димитров изјави и дека, би било добро во регионот да имаме реформска трка како таа за визната либерализација, со јасни услови и исти критериуми за сите земји. Подготвен е и да разгледа предлог за формирање на комитет за ревизија на учебниците по историја меѓу Македонија и Грција, доколку е на паритетна основа.

Од владата постојано повторуваат дека работат на тоа, да се добие чист извештај за Македонија и да се тргне условената препорака. Шефот на црногорската дипломатија, пак, изјави  дека, Црна Гора се залага сите земји, вклучително и Македонија, да го забрзаат темпото кон евроинтеграциите. За него е охрабрувачка изјавата на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер дека до 2025 година Црна Гора и Србија ќе станат дел од ЕУ.

Дармановиќ во рамки на посетата на Македонија денеска се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев и со претседателот на Парламентот Талат Џафери.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Веста е прочитана 1672 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.