Македонија треба да ги зголеми капацитетите за производство на струја

24 September, 2017 - 19:42

Приоритет на Македонија во следниот период ќе биде зголемување на сопствените капацитети за производвството на електрична енергија и поголемо искористување на изворите на обновлива енергија, најави владата.

-Македонија мора да го зголеми производствсото на ел.енергија и да го намали увозот, а приоритет е чист воздух и чиста вода што значи дека во наредниот период ќе помагаме и ќе инвестираме во обновливи извори на енергија. - изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Македонија има сонце но производството на соларна енергија се уште е скапо за домаќинствата, а за изградба на нови хидроцентрали ќе требаат многу пари, сметаат експертите.

-Имаме малку неискористени потенцијали остануваат скапите хидроцентрали. - вели Рубин Талески, претседател на Мако Сигре.

Краткорочно до крајот на годината се очекува намалување на цената на електричната енергија, што се должи на владината мерка за воведување на евтина тарифа преку ден, која како што информираат од ЕВН целосно ќе биде спроведена до крајот на октомври.

-Започнавме технички подготовки за модифицирање на 800 000 електрични броила  во домаќинства, не можеме одеднаш да ја спроведеме мерката но ќе го направиме тоа во текот на октомври, а работите ќе почнат веќе од утре. Оваа мерка ќе ги намали трошоците за електрична енергија на граѓаните особено во зимската сезона. - најави Штефен Петер, претседател на УО ЕВН.

Проблеми во производството на електрична енергија во грејната сезона не се очекуваат, велат од ЕЛЕМ посочувајќи дека ремонтот во РЕК Битола ќе биде завршен до ноември кога во функција ќе бидат сите три блока. За сметка на тоа нема да биде зголемено испуштањето на Охридското Езеро за производство на електрична енергија, уверуваат од компанијата.

- Охридското Езеро го држиме на оптимално ниво. Електраните Глобочица и Шпилје работат со намален капацитет бидејќи знаеме дека годината беше сушна што предизвика опаѓање на нивото на езерото и не сакаме да дојде до дополнително намалување. - истакна Драган Миновски - генерален директор на ЕЛЕМ.

Миновски информираше дека работна група работи на ревизија на минималната кота од 693,17 метри надморска висинана Охридското Езеро утврдена пред повеќе од 60 години, што треба да придонесе да се избегнат големи осцилации на езерото заради производство на електрична енергија, што негативно се одразува како на живиот свет така и на градбите во крај. 

 

Горан Момироски

Веста е прочитана 1189 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.