Дали власта го организира преземањето на Макпетрол?

28 July, 2016 - 15:54

Пратениците на СДСМ ја обвинија власта дека веќе неколку години врши организиран напад врз „Макпетрол“, а последен обид да се уништи нафтената компанија е намерата за нејзино преземање од сомнителна офшор фирма. Пратеникот Томислав Тунтев ја искористи собраниската седница за пратенички прашања за да побара одговор од премиерот Емил Димитриев, дали државните институции преку молчење и неактивност го помагаат преземањето на „Макпетрол“ преку офшор шема со компании формирани на Кипар и на Девствените острови.

 Дали сте информирани и свесни дека поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков направиле и организирале шема за напад врз „Макпетрол“, со цел да се преземе и уништи фирмата, а со тоа и Телма телевизја при што се служат со незаконски средства и методи за да се намали вредноста на акциите на фирмата, а истовремено да ги информираат акционерите што се блиски до нив да се ослободат ос своите акции односно да ги продадат? – праша Тунтев.

 Премиерот Димитриев рече дека не го користи терминот шеми и се воздржа од одговарање на делот од прашањето кој се однесува на формирањето шеми за уништување на „Макпетрол“.

- Ако го ставиме во контекст на политиката односно ако го политизираме ова прашање, ќе направи штета и на „Макпетрол“ и на медиумиот кој беше спомнат. Јас одговорно тврдам дека владата и владините институции, во она што е нивна надлежност, ќе одговорат максимално професионално, истакна Димитриев.

 Во дискусијата се замеша и координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски, кој прашањето на Тунтев го оквалификува како злоупотреба на пратеничкиот имунитет.

- Ова што го прашува Тунтев е исто како некој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ да го праша министерот за транспорт и врски дали Тунтев како заменик-градоначалник на Охрид добил гратис стан во секоја зграда во Охрид.

 Возврати координаторот на СДСМ, Горан Сугарески.

- Вие сакате ова да не оди во етер. Ние прашуваме за криминал и уставно загарантирано право на пратениците е да поставуваат пратенички прашања.

 Понудата за преземање на „Макпетрол“ во моментов е во рацете на Комисијата за хартии од вредност, која треба да одлучи дали ќе дозволи нејзино објавување или не.

За Балкан петролеум холдинг лимитед за сега се знае дека е формирана кон крајот на мај во Лондон, со капитал од 1000 евра, а нејзин основач е кипарската фирма Даволиа холдинг. Потеклото на капиталот од речиси 50 милиони евра кои се нудат за купување на акциите, за сега не е познато, а од Балкан петролеум холдинг лимитед тврдат дека доставиле банкарска гаранција издадена од швајцарската УБС банка, против која се водат истраги за затајување данок и за перење пари во Белгија, Франција и САД.

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 507 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.