Мијалков пред Апелација вети дека нема да бега од Македонија

17 July, 2017 - 19:21

Не помислувам да бегам бидејќи сум невин и тоа ќе се докаже одговори екс директорот на УБК, Сашо Мијалков на документите кои обвинителите од СЈО им ги покажаа на апелационите судии, а според кои тој има стан и фирма во Чешка.

Ревносно и совесно одговарав на секој телефонски повик на обвинителките и веднаш менував авионски карти за да дојдам во СЈО. Давам личен збор под полна материјална и кривична одговорност дека ќе се јавувам и на секој повик на судот. Јас верувам во објективноста и професионалност на овој суд и дека ќе донесе правилна одлука“, рече Мијалков.

Обвинителите од СЈО истакнаа дека комуникацијата со него оди отежнато бидејќи на посочената адреса не живее и поканите се неуспешни. Неговиот адвокат Љупчо Шврговски пак објаснуваше дека адресата на ексразузнавачот не треба секој да ја знае и бидејќи Мијалков имал највисок степен на безбедносен ризик, поради што МВР му доделило и шестмина телохранители да го чуваат. Шврговски смета дека СЈО води политичка пресметка против Мијалков.

И шефот на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски рече дека не се чувствува виновен и нема зошто да бега. СЈО стравува од бегство поради тоа што работи како директор во антикриминалната регионална организација Селек во Букурешт и често патува.

Поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујевски пак не дојде на јавната сендица во Апелација. Адвокатите рекоа дека имал здравствнеи проблеми со притисокот. Според СЈО тој често ги злоупотребува боледувањата и додека не се појавувал во судот или обвинителството одел во МВР или пак на натпревари. СЈО бара притвор за него и поради опасност од влијание на сведоци. При претресот во неговиот дом пронашле тефтер во кој имал податоци од сите сведоци кога доагале во СЈО, што биле прашувани и што одговарале. За одбраната, СЈО не нуди докази за да го поткрепи барањето притвор.

Освен за обвинетите во „Таргет“, „Тврдина“, Апелација денеска ја разгледа и жалбата на СЈО за пратеникот од ДУИ, Ејуп Алими, обвинет во „Титаник 3“ за изборни нерегуларности. СЈО бара притвор и поради опасност од влијание на сведоци.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска на прес пред апелација, барањата за притвор ги сметаат за притисок врз судот и велат партиските функционери постојано патувале и досега и ако сакале ќе избегале.

Апелација ги одби сите минатонедлени жалби со што остануваат одлуките на Кривичниот суд, според кои без пасоши остануваат поранешниот вицепремиер Пешевски, ексдиректорот на Агенцијата за патишта Ѓорѓиевски, новинарот  Драган Павловиќ Латас како и Небојша Стајковиќ и Ѓоко Поповски од МВР.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 7523 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.