Министерството за одбрана ќе добие повеќе пари со Буџетот за 2018

24 October, 2017 - 16:47

Ќе се зголеми буџетот на Министерството за одбрана, најавуваат за Телма од Министерството за финансии, каде деновиве забрзано се крои буџетот за 2018 година. Од Финансии не откриваат колку ќе тежи зголемената буџетска рамка на ресорот за одбрана, само објаснуваат дека тоа се прави со цел земјава да почне да се доближува кон стандардите на НАТО Алијансата.

„Во оваа фаза можеме да најавиме дека ќе има дополнителни средства за Министерството за одбрана, со цел да започнеме се доближуваме до стандардите на НАТО“, велат од Финансии.

Буџетите на министерството за одбрана во изминатиов перикод постојано се намалуваа, за што земјава имаше забелешки од меѓународните партнерски организации.

Оваа година буџетот на министерството за одбрана тежи 6,24 милијарди денари или 101,5 милиони евра, со ребалансот овие средства останаа на истата позиција.

За споредба, буџетите на Министерството за внатрешни работи низ годините се зголемуваа, за 2017 година, на пример, буџетот на МВР е на ниво од близу 171 милиони евра.  

Согласно законските процедури, Финансии има на располагање уште околу 20 дена за да ја подготви државната каса, бидејќи до 15 ноември буџетот веќе треба да биде усвоен и на Владата и да биде доставен до Собранието.

Од Министерството за финансии не откриваат колку вкупно ќе тежи буџетот за идната година, кој ќе биде прв буџет на оваа Влада, и дали тој ќе биде понизок од годинашниов, којн беше историски највисок и изнесуваше 3,35 милијарди евра.

Од Финансии уште и информираат дека во новиот буџет ќе има значително зголемување во средствата за активни мерки за вработување на младите, како и сериозна државна помош за домашните компании, со цел да се поттикнат инвестициите и да се зголеми вработеноста.

„Економскиот раст за 2018 согласно со оној предвиден од СБ и ММФ, очекуваме да надмине 3 отсто. Буџетскиот дефицит ќе биде под 3 отсто“, велат од Финансии.

Оваа година се очекува дефицит на државната каса од 2,9 отсто од бруто домашниот производ.

Според најновиот извештај на Светска банка, се очекува в година земјава да оствари раст од 3,2 отсто, откако тој ќе биде значајно понизок оваа година и ќе биде на ниво од само 1,5 проценти.

Неодамна во интервју за агенцијата Блумберг министерот за финансии Драган Тевдовски, најави дека идната година постои можност да се издаде меѓународна обврзница на глобалниот пазар.

Од Финансии неодамна ветија дека новиот буџет ќе им биде даден на увид на граѓанските организации, и тие ќе бидат консултирани за конкретни мерки кои се во нивниот домен на дејствување. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1435 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.