Митревски го стопира проектот „Аферата Мис Стоун“

17 April, 2015 - 19:35

Режисерот Дарко Митревски тврди дека било саботирано и опструирано потпишувањето на потребната документација за исплатата на средствата за филмот за кој пред две години биле одобрени 30 милиони денари, а во октомври минатата година и дополнителни 2 милиони евра. Во почетокот на март годинава продуцентот на филмот го доставил финалниот договор до Управниот одбор на Агенцијата за филм кој му го вратил со забелешки околу процентуалната распределба и учеството на продуцентот со сопствени средства, а кои според законот треба да изнесуваа 30 проценти од вкупниот буџет за филмот.

„Ниту јас лично, ниту Агенцијата за филм не сме направиле никаков чекор за да се блокира или стопира и да се каже „не, не го финансираме проектот“. Едноставно се бара од Управниот одбор законските распределби на средствата, учествата да бидат запазени,“ рече Дарко Башески, директор на Агенција за филм на Република Македонија.

Сценариото за филмот Аферата Мис Стон е базирано на новинарски написи од американските весници, со што Дарко Митревски сакал да даде непристрасна слика за Македонија. Филмот е најавен како копродукција со американски партнери, и учество на холивудски актери, менаџери и дистрибутери пред кои како што тврди во писмото Дарко Митревски бил засрамен од забелешките кои до нив ги упатил Управнот одбор на Агенцијата за филм.

Башески вели дека ако Дарко Митревски се откаже од филмот „Аферата Мис Стон“ ќе треба на Агенцијата за филм да и бидат вратени и оние средства кои биле потрошени за развој на проектот.

 

Неда Бакевска Виллалба

Веста е прочитана 226 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.