Молк во владата по европскиот извештај

20 June, 2015 - 15:43

Прецизна слика за сите девијации во демократските процеси и нефунцкионирањето на правната држава  - вака дел од експертите го коментираат извештајот на експертската група на Европската Комисија и препораките произлезени од него, кои вчера во Брисел ги обелодени еврокомесарот Јоханес Хан.

Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика, вели дека напишано се на што досега и ЕУ и многу домашни експерти и тинктенк организации предупредуваа, а Владата не сакаше да го слушне.  

„Практично секому му е веќе јасно дека актуелната влада не ги спроведува препораките на Европската комисија, бидејќи многу од овие препораки подолго време ги има и тие едноставно се повторуваат. Она што го карактеризира овој извештај и овие препораки се оние кои произлегуваат од скандалот со прислушувањето, што беше повод и за овој извештај, вели директорот на ЕПИ, Малинка Ристевска Јорданова.


Според Јорданова, Извештајот и препораките произлезени од него се рамка за работата на идната идната влада, но пред се порака - до актуелната.

„Владата треба да повлече потег и да преземе одговорност, бидејќи овие состојби вака карактеризирани повлекуваат во секоја држава одговорност на Владата. Доколку тоа не го направи, а не дава сигнали дека ќе го направи – ова е јасен индикатор за поголем притисок и надворешен и внатрешен дека таа мора да понесе одговорност. Вториот чекор е веќе агендата на новата влада. Ова дефинитивно е агенда за новата влада, но сега е многу битно како таа ќе го направи ова. Јасно се нагласува строга контрола на спроведувањето за да може да се лоцира одговорноста“, подвлекува Јорданова.

Но, клучниот предизвик повторно е политичката волја за промени, што вели Јорданова, го подвлекува и Прибе. Сепак, сега вели таа, притисокот е поголем, а последиците од изговори наместо суштински реформи, на што лидерите се обврзаа со Договорот од 2 јуни, ќе бидат поголеми

„Дефинитивно овие нови одредници или овие нови приоритетни итни реформи се една можна основа. ТИе може да завршат како основа за некаква реформа доколку се случат реалните политички промени во Република Македонија или може да остане уште една тоалет хартија. Но сега последиците доколку остане тоалет хартија овој пат се многу поголеми и за Владата и за жал и за Македонија, за разлика од се она досега“ , посочува Малинка Ристевска Јорданова.

Од владејачката партија, како и од Владата нема коментар на извештајот, кој нотира дека прислушувањето е спроведено од УБК за да се врши притисок врз високи функционери, судии и обвинители, за коруптивни и лукративни цели, а нотира и  политички притисоци врз судството и медиумите,  конфликт на интереси меѓу функицонери во обвинителството и опозицијата, изборни нерегуларности  и високо ниво на корупција .

Опозицискиот СДСМ во извештајот прочита потврда на сопствените тврдења дека власта се злоупотребува за партиски и за лични цели на поединци од владејачките структури.

Боби Христов 

Веста е прочитана 393 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.