Мукоски и Тарчуловски ќе одлучуваат за имунитет на пратениците

13 June, 2017 - 17:15

Мукоски и Тарчуловски ќе одлучуваат за имунитет на пратениците, а учествуваа во отворањето на собраниската врата и насочувањето на толпата на 27-ми април.

Трајко Вељановски и Емил Димитриев ќе ги контролираат тајните служби и прислушувањето од позиција претседатели на надзорни комисии во Собранието. Двајцата високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ од позициите претседател на собрание и претседател на влада сега се предложени пак за претседатели, но на собраниски комисии.

И пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски кои учествуваа во собраниските инциденти на 27-ми април (Мукоски ја отвори собраниската врата заедно со Сашо Василевски, а Тарчуловски се поздравуваше и ја насочуваше толпата) се предложени за членови на комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања. Оваа комисија меѓу другото одлучува и за имунитетот на пратениците.

Досега не е познато дали Мукоски и Тарчуловски ќе бидат повикани и истражувани од обвинителството за борба против организиран криминал и корупција за собраниските инциденти и дали ќе има потреба за одземање на нивниот имунитет при истрагата. Тие се спомнати и во извештајот на работната група на МВР за собраниските инциденти.

На Мукоски и на Тарчуловски комисиски претседател ќе им биде Павле Богоевски, а други членови се екс спикерот Трајко Вељановски, Борис Змејковски (двајцата од ВМРО-ДПМНЕ), СДСМ ги предложи за членови Сашко Костов, Александар Кирацоски и Мирослав Јовановиќ. За последен член на комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања е предложен Агим Шакири од ДУИ.

Комисијата за надзор на тајните служби УБК и АР ќе ја води Трајко Вељановски, а во неа ќе членуваат неговите сопартијци Иван Иванов, Благица Ласовска и Трајче Димков. СДСМ ги предложи за членови Фросина Ременски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Хари Локвенец. ДУИ го предложи Ејуп Алими.

ВМРО-ДПМНЕ како опозиција автоматски го добива и местото претседател на комисија за надзор на мерките за следење на комуникации каде го предлага екс премиерот Емил Димитриев. За членови на комисијата се предложени Ејуп Алими од ДУИ, Васко Ковачевски и Тања Ковачев од СДСМ и Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 15072 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.