Музеите без опрема за заштита во вонредни состојби

28 May, 2017 - 16:04

Метли, кофи, крпи, уреди за всисување влага и за загревање, како и маски против прашина и чизми, се меѓу стотината основни предмети кои недостасуваат во музеите за вонредни состојби, се жалат музејските работници. Според нив, има повеќе причини за тоа.

„Проблемот е и во институциите и во Министерството. Во институциите, во плановите не се предвидени такви работи за набавка на опрема. Дури немаат конкретни барања во годишните програми. Министерството потфрла така што, некако како да смета дека некои други се приоритетите, поголеми приоритети“, вели музеологот Крсте Богоевски.

Во системот за заштита, прашањето на законската регулатива е болна точка, велат правните експерти од музејската дејност.

„Прашањето за таа опрема е регулирано сегментарно, фрагментарно, како сакате. Нема до крај изведени нормативни решенија. На ниво на закони се утврдуваат основните стандарди, но не се оди на разработка на типовите опрема, на спецификациите. Никаде во ни еден музеј и во другите институции што чуваат движно културно наследство, нема да најдете спецификација на опремата за вонредни околности“, вели правникот Јован Ристов.

Сериозната грижа за културното наследство при поплави, пожари, земјотреси, вооружани судири и други катастрофи, значи да се зачуваат животите на вработените и на посетителите во музеите и да се заштитат артефактите, велат музејските работници. Последниве две години тие добиваат редовна опрема за депоата, но ја бараат и таа, за вонредни околности. Апелираат до новата власт, да изготви национална стратегија во која ќе ја вметме политиката на заштита, а од Управата за заштита на културното наследство очекуваат да ги донесе неопходните упатства, вклучувајќи ги и тие, за опрема за вонредни состојби. Музејските работници сметаат дека е неопходно воведување и работилници еднаш годишно, според светските стандарди, за ракување со таа опрема.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 678 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.