На улица поради партиска неподобност

8 June, 2015 - 18:00

Политичка неопределеност, активност на Фејсбук и отворено искажување на ставови против власта. Вака дипломираниот археолог Мартин Стефановски го објаснува губењето на работното место музејски водич -едукатор во Археолошкиот музеј.

Тој е еден од четворицата на кои не им е продолжен договорот на определено време, по скоро 8 месеци ангажман.Главна причина, како што вели е бунтот кога на работа останале само двајца колеги, а останатите заминале на митингот на ВМРО-ДПМНЕ, во спортскиот центар „ Борис Трајковски “.

И беше кажано на директорката: Директорке овој ден ние работевме само двајца. Сите други отидоа на партиски митинг во „ Борис Трајковски“. Зошто тоа се случи, нели малку не е фер? Директорката ми рече, Мартине таква е оваа држава. Мартине ова не е Шведска, мора да се навикнеш на државата во која живееш, вели Стефановски.

Тој признава дека нема никаква партиска книшка и дека учествувал на митинзи и протов СДСМ и против ВМРО. Сакал да ги подржи родителите на малата Тамара и на починатиот Мартин Нешковски. За оваа негова активност и поради објавени фотографии и лајкови на ФБ, вели дека бил изложен на притисок од директорката на Археолошкиот музеј, Весела Честоева.

Иако баравме, Директорката Честоева, не можеше да не прими, како што ни рече во телефонскиот разговор, поради закажани состаноци. Реакциите на Мартин Стефановски кои тој ги објави и во отворено писмо, ги протолкува како тенденциозни, неосновани и резултат на неговиот револт.

Според Честоева, Стефановски бил примен со договор на дело кој истекол и нема да се обновува, а не се знае и дали на местата на другите 3 отпуштени музејски водичи ќе се ангажираат нови. Стефановски размислува да се врати на брод, каде веќе има двегодишно искуство.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 100 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.