Најавена кривична за Јово Вангеловски

13 September, 2017 - 16:44

Судскиот совет за утврдување на факти кој ги истражува судиите за бегството на Горан Грујовски и Никола Бошкоски стигна само до влезот на Врховниот суд. Претседателот на советот за утврдување на факти Сашко Поцевски писмено соопшти дека претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски не им дозволил увид во предметот „Таргет-Тврдина“ во рамките на нивните законски обврски. По сомнежите дека судиите за првпат со одлука за одложен притвор овозможија бегство на обвинетите поранешни началници на тајната служба, советот отвори постапка и по разгледувањето на предметот во Основниот и Апелациониот суд, денеска сакале да извршат увид и во Врховниот суд. Но таму обезбедувањето им кажало дека Вангеловски им го забранил влезот. Потоа Вангеловски и Поцевски разговарале на телефон.

„Потоа, Претседателот на Врховниот суд на РМ по телефон го повика Претседателот на Комисијата и му предочи дека претходно упатил писмо до Советот за факти во кое го известил дека не дозволува да се врши увид во бараните списи, се додека на судот не му биде доставен основот поради кој Комисијата го бара увидот, а потоа тој ќе оценел дали ќе дозволи увид, ќе определел термин и простор каде да биде извршено таквото дејствие, со закана дека со ваквиот начин на комуницирање ќе сносиме последици“. 

Поцевски во своето писмо објаснува дека законски советот има право на увид во документи и дека поради затворените врати во Врховниот суд, Советот за утврдување факти пред надлежен обвинител ќе поведе и кривична постапка за одговорност на Вангеловски. Претседателот на Врховниот суд ладнокрвно одговара дека советот бил писмено известен дека денеска не може да направат увид во предметот бидејќи во исто време во судот вриело од полиција поради јавна расправа за доживотна казна на двоен убиец од кичевско. Вангеловски вели дека во соопштението Поцевски објавил редица доверливи податоци од нивната писмена комуникација за што ќе добие кривична пријава.

„Фрустрациите за конечното укинување на советот за утврдување на факти - се причина членовите да се појават во јавноста, за да се афирмираат и да ги понудат своите услуги, коментира Вангеловски за своите постари колеги од советот“.

Обвинетите од СЈО за уништената опрема и за нелегалното следење на комуникации, Грујовски и Бошкоски се во бегство 50 дена, откако со одреден притвор чекаа судска разврска речиси цела недела и исчезнаа пред да дојдат на ред за во Шутка.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 2706 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.