Недостасуваат конзерватори во македонските музеи

24 July, 2017 - 10:11

Музејот на Македонија,  е матична установа за движното културно наследство во земјава, која располага со 27 000 артефакти. За нив се грижат 13 конзерватори, а потребни се 25, вели в.д. директорот Гордан Николов. Според него, состојбата е алармантна зашто најголемиот број од овој стручен кадар за една или две години ќе замине во пензија.

-  Ние како музеј имаме огромна збирка на текстил, а моментално имаме само еден конзерватор кој што за некоја година ќе оди во пензија, а исто така немаме ни конзерватор-техничар. Исто така, она што го немаме во моментот е конзерватор за икони, а имаме многу богата збирка на икони, изјави Николов.

Конзерватори немаат ни по музеите во Кратово, Свети Николе, Крива Паланка и во други македонски градови, па Музејот на Македонија ги позајмува своите во текот на летото, додава Николов. Тој не е задоволен од начинот како Министерството за култура до сега делело лиценци за конзерватори на лица без високо стручна подготовка, само со искуство од терен и полагање испит.

Од Министерството за култура, со одговор.

- Ќе се оценува смислата и целисходноста на воспоставената практика за добивање конзерваторски лиценци според наведените пропозиции, како и можностите за вработување на дел од кадарот кој веќе се стекнал со ваков вид лиценца.

 А, Центарот за културно наследство, на недостатокот на конзерватори гледа како на системски проблем.

- За жал, заедно со создавањето едуциран кадар во другите области, овој дел од заштитата, иако опстојува повеќе од 70 години, не беше вклучен во образовниот процес, вели Донка Барџиева Трајковска- Центар за културно наследство.

Од МОН, велат дека конзервација и реставрација се изучува на ФЛУ и на Архитектонскиот факултет во Скопје, како и на Универзитетот „ Гоце Делчев“ во Штип. Но отворени се за дополнително обезбедување на потребниот кадар.

- Доколку се утврди потреба, во соработка со Министерството за култура, постојат повеќе начини да се обезбеди стручен кадар, соопштија од МОН. 

Испраќање лица во странство на обука или донесување странски експерти за конзервација и реставрација кои овдека ќе држат предавања, се модели кои најитно треба да се применат за обезбедување конзерваторско-реставраторски кадар, велат нашите соговорници.     

 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 517 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.