Њујорк избира градоначаник

7 November, 2017 - 12:13

Над четири милиони жители на Њујорк денеска гласаат за избор на градоначалник, во трка во која се очекува демократскиот кандидат Бил де Блазио да освои втор мандат. Противкандидати на Де Блазио се републиканската кандидатка Никол Малиотакис и поранешниот полициски детектив Бо Дитл, кој настапува како независен кандидат. Де Блазио ја освои функцијата во 2013 година, благодарение на секс скандалот на Ентони Винер, кој беше принуден да се повлече од трката.

Во изминатите четири години, Де Блазио ја укина полициската тактика на улични претреси на сомнителни минувачи, воведе јавно финансирани градинки за деца на возраст од мад четири години, која сега ветува да ја прошири на тригодишните деца, и го промовираше градењето на социјални згради. Де Блазио ја запре и полициската програма за следење на џамиите во Њујорк, за да се контролира евентуалното ширење на радикални идеи.

Малиотакис го обвинува Де Блазио дека го претворил градот во слободна зона за илегални мигранти, и им дозволил да добиваат финансиска помош за посетување на државните универзитети. Малиотакис го обвинува Де Блазио и за порастот на бројот на бездомници во Њујорк. Стапката на криминал во Њујорк во мандатот на Де Блазио се намали и покрај стравувањата дека неговите политики, пред се во ограничувањето на овластувањата на полицијата, ќе доведат до пораст на криминалот.

Веста е прочитана 162 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.