Нов почеток на Македонската филхармонија со долг од 15 милиони евра

25 October, 2017 - 18:48

Мала сала со мобилни 312 седишта, приклучок за топлинска енергија од БЕК, технички преглед на осветлувањето, акти за безбедост при работа и употребна дозвола за објектот , која стигна денеска. Ова се завршените техничко – правни постапки за новиот објект на Македонската филхармонија , кои новото раководство ги реализира во изминатите 3 месеци во соработка со Министерството за култура.

„Во моментот, сите техничко- прави процедури се завршени и ми е драго што еве јас ја преземав одговорноста за пролонгирање на сезоната на Македонската филхармонија. Но како што се договоривме на самиот почеток со министерот, да превземам одговорност, со сите законски процедури кои доликуваат на еден ваков репрезентативен објект“, кажа Виктор Илиески - в.д. директор на Македонската филхармонија.

Не ги напуштаме проектите на претходната власт, туку ги надминуваме сите нивни слабости, рече министерот за култура Алаѓозовски, кој денеска беше во обиколка на завршениот објект на Филхармонијата. Тој рече дека останал долг од околу 15 милиони евра кон австриската фирма Страбаг која го вршеше внатрешното уредување  на зградата. Долгот ќе се враќа согласно буџетските можности, дополни министерот.

Во најдобра можна атмосфера која што овие неколку месеци ја изградивме, ќе ја решаваме онака како што ќе ни овозможуваат на нас  и финансиските и буџетските можности, а од друга страна и онака како што ќе успееме да ги попрецизираме сите поединечни , конкретни, многу специфични ситуации меѓу нас, „ Страбаг“ и секако сите останати кои учествувале во изведувањето на овој проект., истакна Роберт Алаѓозовски – министер за култура.

Новата сезона на Македонската филхармонија, насловена „ Нов почеток“  започнува вечерва со концерт на пијанистот Дино Имери, со кој ќе диригира Борјан Цанев. Од раководството велат дека објектот е во функција на граѓаните, вклучително и на лицата со посебни потреби, за што е пуштен посебен лифт, а и тоалетите се оспособени за таа намена. Филхармонијата , се градеше од 2009 година наваму, според решението на архитектот Виктор Михајлов. А, внатрешното уредување е на архитектот Зоран Џорџевиќ. Според истражувачката мрежа БИРН, за изградбата на објектот поранешната власт издвои околу 40 милиони евра.

 Сотир Трајков

Веста е прочитана 2498 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.