Нови шест автори ќе престојуваат во Скопје во рамките на резиденцијата „Апсолутно модерен“

13 March, 2017 - 11:43

Mеѓународно жири ги избра новите шест автори кои што годинава ќе престојуваат во Скопје, во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“. Програмата е во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.

Овогодинешните учесници се истакнати автори од регионот со богати резимеа, за чие гостување во македонскиот културен живот постои силен интерес кај читателската публика. Тоа се Наида Мујкиќ (Босна и Херцеговина) – поетеса и филмска критичарка, Антон Баев (Бугарија) – писател и колумнист; покренувач на неколку онлајн-весници и други иновативни книевни содржини, Мухамед Баздуљ (Србија/Босна и Херцеговина) - писател и новинар истакнат по своите храбри политички ставови, Елифе Красники (Косово/Австрија) – писателка, феминистичка активистка и истражувачка од областа на општествените науки и Неџат Ибрахимовиќ (Босна и Херцеговина) – писател, книжевен и филмски критичар, сценарист и автор на документарни филмови и Ренато Баретиќ (Хрватска) – писател и новинар, оосновач на култниот фестива Причигин од Сплит.

Секој од авторите ќе престојува во Скопје по еден месец во текот на оваа година.

Авторите ќе работат на своите дела и ќе се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена градејќи контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Притоа, тие ќе дадат свој активен придонес во културниот живот во Скопје и други градови преку јавни настапи и учество во културни настани со што ќе ѝ бидат поблиску претставени на домашната читателска публика.

Силниот интерес кој и оваа година беше пројавен со преку 50 пријави е говори за одличното реноме на проектот и доказ дека Македонија е привлечна земја за авторите од регионот што уште еднаш ја потврдува потребата од постоење на ваква резиденцијална програма. Од биографиите и писмата на интерес може да се заклучи дека меѓу авторите доминираат оние кои веќе имаат добра соработка со македонските издавачи и автори, потоа книжевници кои по разни поводи престојувале кратко во Македонија и тоа им останало во добро сеќавање, но и автори кои сакаат да ја искористат можноста првпат да ја посетат земјата и да ја запознаат овдешната книжевна сцена.

Веста е прочитана 1510 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.