Новиот јаболкобер во Преспа со старите проблеми

27 September, 2017 - 16:12

Доцнииот пролет мраз во април годинава, но и врнежите од град, предизвикаа огромни штети во преспанските овоштарници, а родот на јаболка е помал за 90 проценти од ланскиот. Денес на официјалниот почеток на јаболкоберот во Преспа, земјоделците се пожалија дека, неколку години наназад водат битка со временските непогоди, но не паметат полоша година од оваа. Според проценките, со намалениот род, производителите ќе загубат околу 20 милиони евра.

„Ако просечна година има род од 100.000 тони, оваа година ќе има помлаку и од 10 илјади тони. Таа количина јаболка не е доволна за домашниот пазар, а да не зборуваме за извоз. Трошоците за производство се големи, овоштарите се истоштени. И лани, но и во 2014 година имавме временски непогоди од град и мраз, така што сме исцрпени и доведени до работ на егзистеницја“, рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружение на овоштари „Благоја Котларовски“.

Овоштарите се уште не ги добиле парите за ланските штети и побараа државата да ја забрза исплатата. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, кој присуствуваше на јаболкоберот рече дека вчера со одлука на Влада донесен е акциски план за исплата на штетите на земјодлеците од временски непогоди, процес кој од претходната Влада бил блокиран.

„Намерно некој сакал да манипулира со луѓето, да им вети обештетување кое досега не било исплатено. Не само што не било исплатено, туку се правело по погрешен правилник, по погрешни закони. Сега го решаваме проблемот, Владата вчера ја разгледа мојата информација, донесен е акциски план. Имаме документ, мислење од Министреството за финансии дека пари ќе бидат обезбедени“, изјави Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

По која цена ќе се откупува јаболкото од годинешната реколта се уште не се знае, но извесно е дека поради слабата понуда, цените ќе бидат повисоки од ланските.

Емилија Мисирлиевска

Веста е прочитана 1901 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.