Ново одложување на законот за нафтени резерви

8 November, 2017 - 19:45

Министерството за финансии повторно ја одложи примената на законот за задолжителни нафтени резерви. Текстот кој е донесен во 2014 година требаше да стартува од 1 јануари 2018, но по бројни одлагања, Владата  одлучи повторно да го пролонгира овој пат за 1 јануари 2019. Од Министерството за финансии нема јасен одговор зошто се одолговлекува неговата промена ниту пак дали овој потег е во спротивност со препораките на Европската Енергетска заедница.

„Сега се предлага трето одложување на примената на овој закон за една година со што ќе се овозможи отстапување на нафтени резерви на корисници согласно постојниот Закон според кој задолжителните резерви на нафтените деривати може да се користат и во кризни состојби, како и во други случаи кога постои итна потреба од нафтени деривати од страна на државни органи, јавни претпријатија, јавни установи и други правни лица и институции основани од државата што вршат дејност од јавен интерес и општините, за извршување на нивните активности утврдени со Закон“, соопштија од Министерството за финансии.

Од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев допрецизираат дека согласно законот за задолжителни нафтени резерви треба да се донесат повеќе подзаконски акти за што треба да се направат целосни, детални анализи во однос на нивото на резерви кои треба да се обезбедат најдоцна до 1 јануари 2023 година согласно директивите на ЕУ. Европската енергетска заедница, во својот најнов извештај наведе дека Македонија заостанува во спроведување на препораките кои се однесуваат на оваа дејност

„Иако Законот од 2014 година претставува значаен чекор напред, неговото неспроведување и недонесувањето на подзаконските акти е неоправдано. Позаконските акти ги одредуваат критичните детали, а имајќи го предвид стратешкото значење на системот за итни резерви, конечната одлука е на Владата. Додека складирањето на нафтените резерви е чиста пазарна дејност, во Македонија надоместокот го одредува владата, соопштија од ЕЕЗ.  

Државните нафтени резерви во земјава во најголем дел ги складира компанијата  Макпетрол која пред 5 месеци се откажа од лиценцата за складирање бидејки за тоа не добива никаков надомест, но РКЕ и ја продолжи лиценцата.

За да се балансира ефектот од слабата компензација и да се поттикнат компаниите да учествуваат во складирање на нафтените резерви Енергетската заедница препорача промена на системот во Македонија кој би се одвивал со посебни договори врзани со количества нафта и деривати кои се веќе складирани а дополнителните количества би биле додадени за да се стигне до резерви за 90 дневни потреби од нафта и деривати.

Препорача изработка на акциски план за утврдување на државни резерви, финализирање на подзаконските акти, одлука за структурата на резервите и количествата за следната година, акти со кои ќе се утврди начинот на кој ќе се одреди количеството и надоместокот за складирање на резервите.

Во однос на преораката итно да се донесе новиот закон за енергетика од владата објаснуваат дека тој ќе биде донесен до крајот на годинава,во него ќе се имплементира Третиот Енергетски пакет како и моделите за раздвојување на операторите за пренос на струја и природен гас , од дејностите производство и снабдување. 

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 747 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.