Очекувања од посетата на еврокомесарот Јоханес Хан

20 March, 2017 - 15:45

Еврокомесарот Хан и тројцата европратеници доаѓаат во уште еден обид за поттикнување разрешница на се покомплицираната политичка ситуација. СДСМ очекува Брисел да ги осуди повиците на насилство што ги промовира ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер.

СДСМ предупредува дека Груевски е во паника и дека е подготвен да злоупотреби малолетници за политички цели, па во повеќе средни училишта веќе е издадена партиска наредба директорите да ја прекинат наставата и да ги пуштат децата на протести.

Синоќа во телевизиско интервју, Груевски го повика народот да не му дозволи на СДСМ да ја разнебити државата, на која и се заканува бинационалност, федерализација, а потоа и промена на името и на идентитетот. Под закана, тврди тој, е и ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство. Од Хан очекува да ја осуди платформата на Aлбанците и поддршка за принципот Влада да состават победниците кај Mакедоците и кај Aлбанците.

Професорот Љубомир Фрчкоски, кого Груевски го спомена како еден од оние кои манипулираат со народот во прилог на СДСМ, вели дека мала група очајници во врвот на ВМРО-ДПМНЕ става се на коцка само за да не одговара за направениот криминал.

Фрчкоски очекува Хан да изврши влијание врз Иванов за почитување на Уставот.

Утре еврокомесарот Хан и пратеничката тројка планираат да се сретнат со лидерите на парламентарните партии како и со претседателот Иванов. Не се споменува средба со групацијата „За заедничка Македонија“, која подготвува масовен протест пред Собранието и бара директно да му ги пренесе пораките за унитарност на земјата.

Соња Николовска

Веста е прочитана 2236 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.