Од 1 јануари водата по тарифник од регулаторна

2 November, 2017 - 14:29

До 15 ноември Регулаторната комисија за енергетика ќе го изработи тарифникот за водни услуги што од 1 јануари идната година ќе мораат да го применувааат сите јавни водоводни претпријатија во општините со над 10.000 жители. Потоа се остава период јавните претпријатија да ги достават своите евентуални забелешки и надлежните да ја донесат одлуката за новите цени што ќе стапат на сила од почетокот на идната година.

Со тарифникот, што е изработен во рамки на проектот „Реформа во водниот сектор на централно ниво, финасиран од Европската унија, а имплементиран од консултантската куќа Нирас, ќе се определува просечната тарифа по која јавните претпријатија ќе можат да наплаќаат за сурова вода за пиење, за вода за пиење за водоснабдување, за собирање и одведување на отпадни води и за пречистување на отпадните води за оние општини каде има пречистителни станици или треба да се изградат во 2018 година. Вкупниот надоместок што ќе го плаќаат граѓаните за сите тарифи ќе биде во рамките на прагот на достапност, односно не повеќе од три отсто од приходот по глава на домаќинство.

Од Регулаторната комисија велат дека ги изготвиле сите неопходни подзаконски акти што овозможуваат да се регулираат цените на водните услуги во земјава. Општините со над 10.000 жители веќе имаат аплицирано во Регулаторната комисија за цена, а оние со помал број на жители ќе треба да аплицираат во текот на 2018 година, а од 1 јануари 2019 година да почнат да ги продаваат водните услуги по регулирани цени.

Веста е прочитана 460 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.