Одложена седницата на Апелација на која се одлучуваше за бомбите во случајот „Тендери“

31 October, 2017 - 15:55

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во скоро време нема да може да го посети унгарскиот премиер Виктор Орбан, ниту да отпатува на друго место надвор од границите. Скопска Апелација ја одбила неговата жалбата и останува без пасош, потврдуваат официјално од судот за Телма.

На вчерашната  јавна седница, на која Груевски не присуствуваше, неговите адвокати приложија покана за посета за да ги уверат судите дека пасошот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му треба за службени патувања а побараа и судиите да ја имаат предвид одлуката на судот од 2015-та кога на лидерот на СДСМ Заев му го вратиле пасошот. Обвинителката Лиле Стефанова побара да не му се враќа пасошот и посочи дека за време на истрагата, токму со изговор дека е на службен пат, Груевски ги избегнувал поканите на СЈО, а од судската пракса таа истакна поинаков пример со лидер на партија, предметот „Капмања“ каде на Љубе Бошкоски му беше определен и притвор.

Скопска апелација ја одложи за утре јавната седница за бомбите како докази во предметот на СЈО „Тендери“, поради отсуство на еден од тројцата судии. Во судот денеска дојдоа двајцата обвинители од СЈО, четворицата адвокати, но не и поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска и уште две обвинети во овој предмет, кој се однесува на злоупотреби за изградбата на Музејот на ВМРО. Утре двете страни ќе ги судрат аргументите дали петте аудио снимки од телефонски разговори, кои СЈО ги предложило меѓу доказите, треба да останат во досието „Тендери“.  Во септември, Кривичниот суд ги издвои од доказите, петте прислушкувани разговори снимени во 2011-та и 2013-та година, по што СЈО поднесе жалба против ваквата одлука пред повисокиот суд.

Досега во 11 предмети на СЈО, Основниот суд ги издвои бомбите од доказниот материјал. СЈО се жалеше а апелација досега донесе две одлуки, за „Шамарите во Центар“ и за „Триста“ (за набавка на 300 возила за МВР) со што ги врати прислушкуваните разговори меѓу доказите. Во петок апелационите судии ќе одлучуваат за уште две жалби на Катица Јанева за отфрлените бомби.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 1288 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.