ОЈО отвори предистражна постапка за исчезнатите дела од Националната галерија на Македонија

24 July, 2017 - 16:48

Од Основното јавно обвинителство велат дека известувањата за исчезнатите дела од Петар Мазев и Владимир Величковски, од објектите на Владата и Министерството за одбрана , од МВР ги добиле на 05 и на 20 јули. Потоа е отворен еден предмет, стои во дописот од Обвинителството, но не се прецизира за што точно се работи и истиот е распореден кај надлежен јавен обвинител за натамошно постапка, без да се открие неговиот идентитет.

-Јавниот обвинител кој работи на предметот веднаш презеде дејствија во насока на утврдување на фактите. Издадена е наредба за прибирање на претходно известување од Министерството за внатрешни работи , како и од други надлежни институции, со кое се бара на Обвинителството да му бидат доставени информации и податоци во врска со досега извршените ревизии во институциите каде уметничките дела биле дадени на реверс.  

Од Обвинителството очекуваат информации за процедурата и составот на комисиите кои вршеле надзор и за лицата кои биле задолжени да се грижат за уметничките дела кои биле позајмени на Владата и на Министерството за одбрана. Преземени се дејствија и за утврдување на вредноста на делата, неопходни за натамошната правна квалификација, додаваат од ОЈО. Предистражната постапка започна по известувањето на Обвинителството од страна на МВР, за исчезнувањето на слика од Мазев, во 2007 година од Владата и на слика од Владимир Величковски, од Министерството за одбрана, во 2012 година, наведени во договорот  од 2015 меѓу тогашниот состав на СОЗР при Владата и Националната галерија на Македонија.

Од Управата за заштита на културното наследство на почетокот на овој месец, за Телма изјавија дека е симптоматично што СОЗР со години молчело за исчезнувањето на делата на Мазев и Величковски. НГМ пред 18 години на Владата и позајмила 26 дела од колекцијата, за чија состојба последниве 10 години не можеле да направат увид, зашто како што рекоа од таму, на барањата не им било одговорено. Пописот на вредни дела во Владата се уште не е започнат.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1831 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.