Осум земји бараат од Могерини прекин на руската пропаганда, главно во Западен Балкан

24 October, 2017 - 10:38

Осум европски држави потпишаа писмо до Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, со кое бараат да се прекине руската пропаганда, посебно на подрачјето на Западен Балкан.

Писмото, кое е испратено пред десетина дена, е потпишано од министерствата за надворешни работи на Хрватска, Чешка, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Шведска и Велика Британија, пишува весникот „Јутарњи лист“, нагласувајќи дека увид во писмото имал бриселскиот портал „ЕУобсервер“.

Овие земји бараат Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) значајно да ги прошири активностите при сузбивање на пропагандата од Русија, посебно на подрачјето на јужна Европа и на Западен Балкан.

Се наведува дека во писмото се изнесени тврдења дека „се соочени со интензивна кампања за дезинформирање, која ја спроведува трета земја (Русија), па затоа имаат итна потреба за натамошно јакнење на капацитетите на СтратКом ЕУ“.

Хрватскиот весник потсетува дека канцеларијата на СтратКом е основана при ЕУ, со одлука поддржана од сите членки, со цел да се откријат и демантираат невистините кои за ЕУ ги шири Русија. Во писмото се бара да почнат да работат со полн капацитет и две нови филијали на ЕУ СтратКом - за Југ и за Западен Балкан. СтратКом е создаден пред две години со одлука на Европскиот совет и дејствува во рамки на ЕЕАС. Некои дипломати сметаат дека е основан пред се поради улогата на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, додека Могерини ниту тогаш не покажувала некој преголем интерес за тоа.

ЕУ бара поголемо финансирање и доволно средства, за да може да се вложува во иновативни технологии.

Според наводите на бриселскиот портал, СтратКом преку Твитер и другите социјални мрежи се обидува да ги демантира руските дезинформации и да промовира позитивно следење преку ЕУ дејствување на подрачјето на поранешен Советски Сојуз. СтратКом има околу 30.000 следачи на Твитер.

За СтратКом работат само 14 чица, од кои 10 се дипломати од земјите членки на ЕУ. Во одделот за Западен Балкан работат уште двајца дипломати, а шестмина на Јужниот оддел кој главно се занимава со кампања против радикална исламизација.

Веста е прочитана 1780 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.