Отворено 38-мото издание на „Браќа Манаки“

24 September, 2017 - 19:37

Со доделување на наградите за животно дело на двајцата лауретаи, францускиот кинематографер Пјер Лом и италијанскиот Џузепе Ротуно, синоќа во Битола  беше отворено 38 издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. Пјер Лом при доделувањето на наградата рече дека кинематограферите се луѓето кои ја овозможуваат филмската уметност и затоа е среќен што фестивалот Браќа Манаки ја слави токму кинематографијата.

-Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на сите мои колеги филмаџии,а посебно кинематографери, бидејќи тие се оној „прв човек зад камерата“ што ни покажува од каде почнал филмот, токму оние што биле зад камерата и ги снимале подвижните слики се првите филмаџии,  рече Пјер Лом, кинематографер

Ротуно заради својата поодмината возраст не допатува во Битола,  наградата ја прими негов претставник, но кинематограферот и се обрати на публиката со видео порака   што беше поздравено со бурен апалуз.

- Ви благодарам многу за оваа награда, му благодарам на фестивалот Манаки, за вашата волја да ми ја дадете наградата и тоа ми е големо задоволство“, рече Ротуно преку видо пораката. 

Фестивалот го отвори  краткометражниот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, по што следеше проекција на филмот  „Насоки“, во македонско-бугарско-германска копродукција, кој е во официјална конкуренција. Станува збор за современа драма каде се испреплетуваат судбините на група луѓе од сегашната балканска реалност. Кинематограферот Велесин Христов објасни дека снимањето на филмот било со многу предизвици, бидејќи се снимал  во ноќни услови, во такси возило во движење. 

-Снимањето се заврши доста брзо, за околу 2 седмици. Еден кадар трае околу десет минути, па затоа снимањето одеше многу брзо, за една ноќ снимавме по една сцена.Идејата е целиот филм да изгледа полу-документарно, па решивме да снимаме со рачна камера, која постојано ги следи актерите внатре и надвор од автомобилот – објасни кинематограферот Веселин Христов.

Наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм, која ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија, годинава за првпат ја доби институција, односно Вардар филм, иако  продуцентската куќа веќе не постои. На гала отворањето се одржа перформанс во режија на Нела Витошевиќ, што беше колаж од филмски сцени на опусот на годинешните лауреати. Синоќа на отворањето присутни беа голем број филмски работници, филмофили, но многубројни беа и политичарите.

За време на синоќешното свечено отворање му се влошила здравсвената состојба на директорот на фестивалот, Благоја Куновски, кој заминал за Скопје и утрово не се појави на закажаната прес конференција, а  организаторите  се надеваат дека брзо ќе закрепене и ќе се врати на фестивалот.

 

Емилија Мисирлијевски

Веста е прочитана 704 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.