Пад на индустријата за 5,3 отсто, Владата ќе анализира зошто

29 September, 2017 - 15:52

И август донесе неповолни економски показатели за земјава, Статистика објави пад на индустриското производство во август за 5,3 проценти. Преработувачката индиустрија најмногу настрадала, има минус од 8 отсто, рударството е во негатива од 6 проценти. Единствено секторот снабдување со електрична енергија забележал раст од 28 проценти. Со исклучок на неколку гранки, речиси сите други тонат, такви се прехранбената индустрија, производството на тгутун, облека, дрво, печатење и продукција на снимени медиуми, како и металната индустрија.

Бизнисмените велат дека падот на индустријата бил очекуван, како причина го наведуваат фактот што долг период во земјава не беше формирана Влада, тоа ги запре капиталните инвестиции и изградбата на патиштата. Но тие се оптимисти за наредниот период.

„Се надевам дека во наредниот период ќе се подобри состојбата, тоа веќе се чувствува дека бизнис заедницата инвестира, се инвестира во капитални проекти, се надевам дека ќе се зголеми производството, иако сега има пад. При крајот на годината се подобруваат сите резултати, и се надевам дека тоа ќе се случи“, вели директорот на Раде Кончар-ТЕП, Горан Антевски.

Вицепремиерот Анѓушев рече дека сега не би можел да каже на што се должи падот, за тоа на Владата и требаат подлабоки анализи. Но и тој е оптимист, вели ќе помогнат владините мерки.

„До крајот на годината ќе видиме раст, ќе ги имплементираме и економските мерки. Во пролетните месеци нашата држава имаше сериозни политички потешкотии, и тие се одразија на економијата во тој период. Очекувам во последниот квартал сериозне раст“, вели Анѓушев.

Индустриското производство падна и во јули за 2,2 отсто, а за првите осум месеци од годинава просечното намалување е за 0,1 отсто.

Во вториот квартал вкупниот македонски БДП падна за 1,8 отсо, но од Владата решија да не ги менуваат проекциите за раст за годинава и останаа на стапка од 2,2 отсто.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1737 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.