Павловска Данева: Потребна е депрофесионализација на Судскиот совет

2 November, 2017 - 14:11

Најодговорен фактор за независноста на судството во Македонија е или треба да е Судскиот совет и затоа е потребна негова депрофесионализација, изјави денеска претседателката на работната група за изготвување на Стратегијата за реформи во правосудниот систем во Македонија  Ана Павловска Данева. 

„Ние сме единствената држава во светот каде што не е предвидено во закон никаков критериум и вид на одговорност на член на Судски совет. Не постои основ за нивно отповикување. Тоа е проблем кој треба задолжително да се реши и да се предвидат критериуми, постапка и органи врз основа на кои што ќе се утврдува евентуална одговорност на членови на Судски совет“, изјави Павловска Данева.

Посочи дека критериумот истакнат правник, не е критериум, туку каучук истеглива норма, кој може и за жал се злоупотребува и, како што рече, мора да се прецизира кој и под кои услови може да стане член на Судски совет.

Претседателот на Судскиот совет на Македонија Зоран Караџовски, рече дека сите стратегии за реформи во сите сектори се повеќе или помалку политички чин и прашањето е колку во тоа професионалците на кои се однесува реформата се вклучени и колку е одговорено на нивните барања.

„Треба да се извршат суштински измени во критериумите, начинот на оценување на судиите, што директно влијае на понатамошната фаза за унапредување во кариерата, затоа што има недоречености во законот за судови и законот за судски совет. Како судија, сметам дека Судскиот совет нема да може квалитетно, навремено и ажурно да ја извршува својата работа доколку ова тело биде депрофесионализирано“, рече Караџовски.

Караџовски и Данева учествуваа на дебатата „Реформи во правосудството во Македонија, Србија и Црна Гора – анализа на мерките и пристапите“ што денеска се одржа во Скопје, во организација на асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, а поддржан од Фондацијата Конрад Аденауер. 

Веста е прочитана 314 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.