Петарди наредил како самоубиец бомбаш- детали од инцидентот пред судот за време на процесот за Диво Насеље

2 November, 2017 - 15:44

Околу 13:30 часот пред Врховниот суд во чии простории се изрекуваше пресудата за Диво Насеље беше уапсено лице кое се нафрли врз полицајците од обезбедувањето, а подоцна беше забележано дека околу стомакот има нешто што сличеше на појас полн со експлозив.

Полицајците бргу го совладаа и утврдија дека станува збор за 57-годишен жител на Арачаиново. Појасот на стомакот навистина бил направен како експлозивен што го користат самоубијци-бомбаши. Но во него немало прачки експлозив, туку големи петарди поврзани со жица, покажала проверката на полицијата, тврдат извори на Телма.

57-годишниот арачиновец првин се шетал околу Врховниот суд, потоа на снимателите од новинарските екипи им дофрли бегајте оттука. Па тргна кон полицијата.

Цело време десната рака ја држеше во џеб и така се втурна кон полицајците. Еден полицаец успеа да му ја извади раката од џеб и во неа тој држеше мобилен телефон.

Полицаецот веднаш му го одзеде мобилниот и го фрли во најблиската жардињера. Успешно беше совладан и однесен во полициско комбе.

По инцидентот е утврден идентитетот на лажниот бомбаш со петарди во „самоубиствениот“ појас.  На лице место беа дојдени и високи полициски функционери.

М.С. 

Веста е прочитана 10850 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.