По објавените слики, граѓаните ги препознаа насилниците од крвавиот четврток

17 October, 2017 - 21:03

Меѓу тројцата приведени попладнево и вечерта е и скопјанецот Оливер Ошавковски. Него полицијата го нашла во домот во населбата Хром, откако граѓани кои го препознале од фотографијата објавена на сајтот на МВР пријавиле во обвинителството.

Ошавковски на денот на упадот во Собранието на 27-ми април бил на местото на настанпот каде е претепан Зијадин Села и го има на снимките додека петмина го влечат раскрвавениот пратеник низ собраниските ходници. На фотографијата на МВР има кариран качкет на главата (во средина на фотографијата на МВР).

Јавното обвинителство соопшти дека сите три лица од фотографијата се идентификувани и уапсени.

-Јавното обвинителство на Република Македонија изразува благодарност до сите совесни граѓани со чија помош е утврден идентитетот на лицата чии фотографии беа објавени. По наредба на јавното обвинителство, трите лица се лишени од слобода. Станува збор за лица кои се инволвирани во кривично правниот настан во Собранието на Република Македонија. Фотографиите и повикот до граѓаните за нивно препознавање беа објавени согласно член 277 од Законот за кривична постапка,  по претходно дадено одобрение од Основното јавно обвинителство Скопје и  во соработка со Министерството за внатрешни работи, соопшти обвинителството доцна вечерва.

Приведени се и останатите двајца, а граѓаните ги препознале како Сашо Пенков и Николче Димитровски. Еден од нив на лицето носи фантомка, но бил препознаен. Тој на 27-ми април е еден од петмината демонстранти кои го носат онесвестениот Села низ ходниците на Парламентот по крвавиот упад.

Тројцата се дел од 8-те демонстранти за кои е отворена истрага за соизвршителство во дело „убиство во обид“, а пет осомничени беа приведени уште утрово.

За тројца од напаѓачите обвинителството и полицијата не успеаја да го откријат идентитетот за повеќе од 5 и пол месеци, но откако претпладнево се објавени нивните фотографии, тие се препознаени. Обвинителството соопшти дека пријавите дошле од граѓани. 

За нападот врз Села се осомничени уште две лица, татко и син од Скопје кои се во притвор од 10-ти мај. 

М.С.

Веста е прочитана 12297 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.