Почина театарскиот критичар и писател Иван Ивановски

2 October, 2017 - 15:52

По долго боледување, вчера во Скопје,  на 87 годишна возраст, почина театарскиот критичар и писателот Иван Ивановски. Роден е во Дебар во 1930 година. Тој беше долги години уредник во Македонското радио, а беше член и на ДПМ, од 1967 година.

Иван Ивановски зад себе остави богат и разновиден опус како поет, раскажувач, писател за деца и театарски критичар. Автор е на стихозбирките „Ветки од љубов“, „Варијации“ и „Водоскоци на сонот“, како и на голем број книги од областа на театрологијата, меѓу кои: „Волшебникот на сцената“, „Плима и осека“, „Незаборавни средби“, „На своја почва“, „Во чекор со времето“, „Македонската театарска критика и театрологија“, „Пред кренатата завеса“ и „Половина век театар во Македонија“. Меѓу книгите за деца се „Врти се врти вретенце“, „Ах ти мило детенце“ и „Штурчевото дуќанче за музикалии“.

Иван Ивановски е добитник на високи награди од областа на литературата, театарот и публицистиката, меѓу кои се: „Мито Хаџивасилев“, „Крсте Мисирков“, „13 Ноември“, „Војдан Чернодрински“, „Димитар Митрев“, како и на двете највисоки државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“.

По повод смртта на Иван Ивановски, утре (03.10.2017), во 11.30 часот, во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи комеморативна седница. За животот и делото на Ивановски ќе зборуваат претседателот на ДПМ, Веле Смилевски, и театрологот Јелена Лужина.

Посмртните останки на Иван Ивановски ќе бидат погребани во 14 часот на гробиштата Бутел крај Скопје. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 13 до 14 часот.  А, пред капелата за делото на Иван Ивановски ќе зборува театрологот Тодор Кузманов.

 

Веста е прочитана 275 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.