Почна расправата за ребаланс на буџетот

17 July, 2017 - 19:27

Ребалансот на буџетот ниту е развоен ниту реформски туку козметичка измена со која се крати на почнати инфраструктурни проекти, обвинија пратенците од опозицијата на првиот ден од комисиската расправа за првиот ребаланс на буџетот за 2017. Според нив, власта крие дека во сите институции планира вработувања на партсики членови и луѓе од „Шарената револуција“. Министерот за финансии Драган Тевдовски тврди дека единствена цел на ребалансот е кратење на непродуктивни трошоци во корист на граѓаните

Ребалансот се темели на раст од 2,2% и  дефицит од 2,9% што, според министерот Тевдовски, се реални стапки во услови кога има сериозни раздвижувања во кредитирањето и инвестициите и највисоко ниво на оптимизам кај граѓаните. Опозицијата е убедена дека таквите стапки нема да се реализираат а спорна според нив е и одлуката за зголемување на даноците

Вкупните кратења со ребалансот изнесуваат 47 милиони евра и тие главно се однесуваат на патни трошоци, репрезентации, договорни услуги и тековни трошоци. Според кажаното на комисиската расправа, заштедите можеле да бидат поголеми но треба да се вратат доспеани стари долгови, од кои 6,9 милиони евра за МВР и уште 39 милиони евра во културата. Капиталните расходи се за 58 милиони евра помали бидејки за 6 месеци се реализирани само 32% од планираното, заради слабата реализација во првата половина од оваа година.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 1439 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.