Почна ревизијата на работењето на Министерството за култура

2 October, 2017 - 17:32

Државниот завод за ревизија започна да го чешла финансиското работење во Министерството за култура за минатата година.  Повод за тоа се индициите на формираната Работна група при министерството, дека над 80 % од буџетот за оваа година, за проекти кои се дел од годишните програми за работа на установите и од годишните конкурси на министерството, е предвреме исплатен, без да се реализираат проектите за кои бил наменет, велат од ресорот култура.

-Ревизијата се однесува на завршената 2016 година и на сето она што како финансиски извештај произлегува од таму, соопштија од Министерство за култура.

 За започнатата ревизија, се огласија и од ДЗР.

-Се работи за стандардно вршење ревизија од страна на Државниот завод за ревизија. Тоа значи дека се работи според истата методологија практикувана години наназад и со истите стандарди за вршење ревизија . После издавањето на Нацрт ревизорскиот извештај,  за кој субјектот има право на забелешки во одреден законски рок, ќе следува Конечен ревизорски извештај кој ќе биде објавен на веб страницата на ДЗР со комплетната содржина, соопштија од  Државниот завод за ревизија . 

Ревизијата што се врши во Министерството за култура е по негово барање, а врз основа на одлуката од 16 седница на Владата, одржана на 25 јули, годинава. Ова е вонредна ревизија на ДЗР во министерството и прва по последната спроведена во овој ресор, во 2011 година .

Сотир Трајков

Веста е прочитана 500 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.