Подем на криминалните пресметки и преземања по промената на власта

7 November, 2017 - 21:43

Неколку пријавени и непријавени инциденти со запалени автомобили, повеќе рекетирања и нудење на услуги за обезбедување на објекти, сурова егзекуција пред зграда во Аеродром, се само доказ дека на скопската криминална сцена се случува големо поместување во борба за територии, коментира за Телма пензиониран полициски функционер, кој сака да остане анонимен. Но, зошто се појавуваат вакви криминални пресметки и гангстерски преземања на територии по промена на власт и што треба да се превземе?

Со 4 куршуми во глава беше застрелан 28-годишниот Мартин Јанушев, поранешен фудбалер, пред влезот на зградата во која живее, во него е пукано, а две лица биле во близина и избегале. Крвавото убиство се случило пред повеќе сведоци бидејќи во непосредна близина има два големи и посетени ресторани. Иако медиумите објавуваа дека убиството е поврзано со двајца, едниот активен затвореник пуштен на викенд од Идризово и друг кој имал новоформирана агенција која изминатите неколку месеци забележала подем во бројот на клиенти - од МВР одговорот за истрагата е дека е во тек и напредува.

МВР единствено потврди дека денеска е распишана централна потерница по лице Ф.С. по барање на затворската управа поради тоа што по викенд не се вратил во Идризово. Од МВР не прецизираа дали бегалецот од потерницата е осомничен за убиството на Јанушев.

Најалармантно е што жртвата доаѓа од полициско семејство, татко му е пензиониран полицаец, братот на убиенот е тим лидер во единицата алфи. Двајцата кои биле на местото на убиството го знаеле тоа, но ја извршиле ликвидацијата, и избегале во познат правец кон север.

Од МВР не успеавме да добиеме одговор колку автомобили биле запалени од 2016-та година наваму и дали и колку пријави за изнуда и рекет имаат добиено во истиот период. Секторот за аналитика ги подготвува информациите. Инаку повеќе медиуми објавуваа дека во неколку месеци се подметнати пожари во најмалку два автомобили на сопственици на ресторани и кафулиња на кои им била понудена услуга за обезбедување, но не ја прифатиле.

Честите посетители на кафулињата во центарот на Скопје велат дека забележале како на многу од нив се појавила налепница со име на нова агенција за обезбедување, но дека во текот на денот налепниците биле извадени. Пензионираните полициски функционери тврдат дека полицијата мора да преземе законски постапки за да го сузбие ваквото однесување на криминалци кои се обидуваат да освојат нова територија, а на граѓаните да им пружат заштита за да се зголеми довербата во чуварите на законот.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 14343 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.