Подршка на живата култура и професионализација на независната сцена, бараат уметниците од новиот министер

26 May, 2017 - 15:24

Запирање на проектот „ Скопје 2014“ и подршка на живата уметност и филмот, низ современи, урбани теми кои се важни во светски рамки , а не само локално. Ова се очекувањата на актерот од Драмскиот театар, Сашо Тасевски, во врска со приоритетите на новиот министер за култура. Според Тасевски, крајно време е преку филмот да се пласираат современи теми, а не како во изминативе 10 –тина година, да доминираат проекти за јанѕите и догмите од нашето минато.

„Треба да го ставиме акцентот на живата уметност. Значи да баталиме ова споменици и работи што немаат врска со нашата историја. Ќе треба малку мовеќе да се свртиме , ако веќе се стави акцентот на филмот, малку повеќе да се акцентираат урбаните теми и приказни, оти видовме дека она што мислевме дека ќе го интересира светот, како тема за филм, видовме дека воопшто не го интересира“, вели Тасевски.

Од независната културна сцена, бараат од новиот министер да работи на нејзино професионализирање и систематизирање и да издвојува повеќе сретства.

„Да се оддели сериозен буџет за независната критичка сцена, кој што ќе има за цел да ја професионализира независната сцена. Мислам дека тоа е многу важно , за да се подигне квалитетот понатаму во продуцирање културни продукти и буквално да се систематизира и професионализира сцената“, вели уметникот Филип Јовановски.

Уметниците велат дека новиот министер треба да има повисоки морални принципи и одговорност кон јавните пари, од досегашната министерка Канческа- Милевска. Да ги реобмисли институциите кои продуцираат и афирмираат современа култура и уметност и да ги насочи кон теми поврзани со граѓанското општество. Според најавите од СДСМ, нов министер за култура ќе биде Едмонд Адеми, член на Централниот и на извршниот одбор на партијата.

Сотир Трајков

 

 

Веста е прочитана 1210 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.