Политичката криза ја урниса економијата - во вториот квартал пад од 1,8 отсто

7 September, 2017 - 16:06

Политичката криза во земјава го достигна својот пик токму во вториот квартал, експертите велат дека тоа е една од главните причини за падот на БДП од 1,8 отсто.

Градежништвото кое сега паѓа, во минатиот период беше еден од главните носители на економскиот раст. Инвестициите кои ги имаше почнато државата, посебно во крупната инфраструктура, во вториот квартал веројатно забавиле или некаде се сосема стопирани, смета професорот Марјан Петрески.

„Ако се присетиме што се се случуваше на политички план во тој период, тоа значајно ги објаснува бројките, имено, тогаш се случи фамозниот 27 април, па потоа помина долг период до формирањето на новата Влада, во кој економијата замре. Има пад на бруто инвестициите, гледано според расходниот метод, а и градежништвото има значаен пад“, вели Петрески.

Во негативната зона отишле и рударството и индустријата, иако таму падот е помал и изнесува 1,4 отсто, а паднале и дејностите во јавната управа и образованието, стручните и научните дејности, како и оние во културата и забавата. Пораст, пак, има кај земјоделството и трговијата, по околу 4 отсто.

Во првото тримесечје бруто домашниот производ забележа нула стапка на раст, дали падот во второт значи дека земјава влегла во рецесија? Таа се прогласува кога економијата е во минус два квартала последователно, така што технички сме на некоја граница на рецесија, велат експертите, но треба да се следи наредниот период. Сепак, годинава би било оптимистички да се очекува дури и ако БДП достигне стапка од 1 отсто за цела оваа година, што значи Владата ќе мора да ги ревидира своите сегашни очекувања за раст од 2,2 отсто.

„Еден позитивен момент со новата Влада е што се опуштија стегите врз бизнисот од целата политичка конотација претходно, видовме нов бран на оптимизам и кај граѓаните и кај фирмите, што е добра претпоставка за да се поттикне економскиот раст, но не можеме до крајот на годинава да имаме преголеми очекувања. Моите лични очекување од Владата се да слушнеме една економска цел, досега беше насочена кон политичките цели, соседите и слично, а клучна економска цел треба да биде повисок економски раст и нови работни места“, вели Петрески.

Професорот сугеририра дека новата Влада мора да се сконцентрира на тоа како носител на растот да станат приватните компании, бидејќи досегашните големи трошења на државата, ја доведоа земјава до високо ниво на јавниот долг.

И додека БДП регистрира пад, невработеноста во истиот период се намалила за 0,3 процентни поени во однос на првото тримесечје, достигнувајќи 22,6 отсто.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1213 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.