Потребна е соработка меѓу граѓаните и локалната власт

3 November, 2017 - 21:40

Тротоари со натрупани возила, пешаци по улици, начичкани многу нови до стари згради и куќи... Ова е денешната слика од Дебар Маало, една деценија по стартот на урабанистичкиот и еколошки хаос.За решавање на овие проблеми,  невладината организација „ Егзибит Скопје“, покрена проект „ Сто идеи за Дебар Маало“, преку кој го обединува интересот на жителите на населбата со ингеренциите на власт, со цел надминување на проблемите.

„Тие проблеми кои се моментално, можеме да ги конвертираме во потенцијали за Дебар Маало, со тоа што проблемите би се замениле со некој потенцијал кој што ќе се развие во нешто конкретно што може да го замени проблемот“, кажа Јана Константинова – Невладина организација „ Егзибит Скопје“

Дел од проектот на „ Егзибит Скопје“, е одржаната работилница, на која граѓаните искажаа забелешки за животот во населбата. Нив ги застапуваше граѓанската иницијатива „ Во одбрана на Дебар Маало“, која делува веќе 2 години, а своите заложби ги има заокружено во платформа, насловена „ Здравјето пред профитот“.

„Безбедноста во сообраќајот во Дебар Маало. Начинот на градење и односот на Општината што го има кон градењето, локациите , заедничкиот простор. Сите забелешки ни се ставени во платформата“, кажа Искра Јанковска Михајловска – „ Во одбрана на Дебар Маало“.

„Неспроведувањето или лошото спроведување на урбанистичките планови, или нивното константно менување“, смета Владо Данаилов – архитект.

„Имаме забелешки и потреба, објектите што се културно наследство да бидат обележани. Имаме потреба јавните простори, зелените површини да се одржуваат, да бидат достапни за јавноста“, додаде Искра Јанковска Михајловска- „ Во одбрана на Дебар Маало“

„Просторот за пешаци е во овој случај простор за автомобили, односно за нивно паркирање. И некој од тоа заработува пари“, според Владо Данаилов- архитект

Своја забелешка на узурпираниот простор со автомобили во Дебар Маало, даде и австриската архитектка- урбанист , Керстин Плох , која исто така е вклучена во проектот „ Сто идеи за Дебар Маало“.

„Жителите имаат интерес да ги поместат автомобилите, но исто така имаат интерес и за се повеќе и повеќе простор за паркирање. Како што слушнав, тоа е голем проблем овдека. Мислам дека тоа треба да биде процес на соработка, како да се развие јавниот простор“, кажа Керстин Плох, архитект-урбанист

Соработката на жителите со локалната власт е единствен легитимен начин за надминување на проблемите, се сложија учесниците на работнилницата. А , целта е:

„Тоа што го сакаме за Дебар Маало, сега веќе и за Центар, се некои стандарди на еден европски град.Сакаме Дебар Маало и Центар да бидат оној репер како Скопје треба да се развива“.

 Идеите за надминување на урбанистичко - еколошкиот хаос во Дебар Маало, од „ Егзибит Скопје “ велат дека овој месец ќе ги достават до надлежните во Општина Центар.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 545 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.