Повеќе пари за здравство, капитални расходи и за плати, колку е развоен Буџетот?!

3 November, 2017 - 21:31

Социјалната компонента ќе доминира во буџетот за 2018, за социјална и детска заштита Владата планира да потроши 32 отсто од вкупно предвидените 3,44 милијарди евра колку што ќе тежи новата државна каса, или над 1,1 милијарди евра.  

За здравствена заштита се планирани 459 милиони евра или повеќе за 18 милиони евра од годинашниов буџет. Во нив ќе влезе и зголемувањето на платите за 5 отсто на вработените во јавното здравство. Општините од буџетот в година ќе добијат 291 милиони евра или 15 милиони евра повеќе од годинава, министерот Тевдовски вели дека целта е да ги вратат долговите и подобро да одговорат на потребите на граѓаните. Поголеми исплати ќе има и за пензиите, за 34 милиони евра, а повеќе средства ќе има и за активните политики за вработување и за надоместокот за невработеност.

Дали е развоен првиот буџет на новата Влада?

„Дали е буџетот развоен или не, тоа е дебата што ја водиме повеќе од 15 години, мислам дека овој буџет е коректно развоен, но ќе станува се поразвоен кога ќе ја отвориме дебатата за среднорочно планирање на капиталните инвестиции, а повеќе развоен од овој не може да биде, бидејќи социјалните трошења се дефинирани според закон“, вели Петрески.

Капиталните расходи се амбициозно проектирани, вкупно 402 милиони евра или за 5,7 отсто повеќе од годинава. 57 милиони евра ќе одат за патишта и железници, 96 милиони за гасоводи, водоводи и пречистителни станици, а 7 милиони за слободните зони. Од Финансии велат дека ќе ги преземат сите мерки за нивна што повисока реализација.  Компаниите, и домашни и странски, ќе добијат поддршка од вкупно 33 милиони евра, како дел од програмата за економски раст.

Владата за плати на администрацијата ќе потроши 440 милиони евра или повеќе од годинава за 7,5 милиони, овде влегуваат и повисоките плати за Армијата за 10 отсто, и за нови вработувања во градинките. Дел од синдикатите реагираа дека зголемувањето или е селективно или е недоволно, а од Финансии одговорија дека зголемувањето ќе оди постепено, но прво кај темелите на општеството.

Дел од експертите, пак со критика за растот на платите.

„Сите меѓународни извештаи покажуваат превработеност во јавната администрација, неефикасност и преголеми социјални трансфери. Владата треба да направи реорганизација, дури и да отпушта, колку и да е тоа болно, па потоа да разговараме за дополнителни буџети“, вели Арсовски. 

Трошењата за стоки и услуги се значително намалени, за 2,4 отсто, а Тевдовски вели дека ќе биле скратени уште повеќе, ако не биле зголемените трошоци во Одбрана заради приближувањето кон НАТО.

Но, за да се троши, буџетот треба и да се наполни, Владата планира да собере приходи од 3,15 милијарди евра, со што ќе и недостигаат уште 300 милиони евра, тоа е буџетскиот дефицит кој ќе се финансира и од домашните банки, но и преку еврообврзница. Токму намерата на Владата да обезбеди плус 32 милиони евра од зголемената акциза кај нафтата деновиве предизвика најголеми реакции, иако таа најави дека на овој начин ќе го намалува и загадувањето. И експертите се изненадени.

„Неочекувано е, бидејќи оваа промена не се базира на претходна дебата, како еден принцип кој кажа дека ќе го почитува новата Влада и исто така, освен за буџетските пресметки, на јавнсоат не и беа понудени пресметки како тоа ќе се одрази врз најсиромашните и какви ценовни притисоци тоа ќе предизвика. Владата е коректно да отвори таква дебата, да направат некакви пресметки и во една информирана атмосфера да се доенсе одлука, бидејќи ад хок носење на одлуки беше карактеристика на едно друго време“, вели Петрески.

Тој смета дека не треба да се стравува од поголем раст на цените од повисоката акциза, иако се уште нема пресметки за индиректните ефекти.

Бизнисмените, експертите, синдикатите и граѓаните го кажаа своето мислење, деновиве Буџетот оди на усвојување на Влада, а до 15 ноември треба да биде доставен до Собранието. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2223 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.