Превозниците загрижени, земјоделците поделени за акцизата

7 November, 2017 - 16:07

Ако десет години тогашната опозиција, а сега власт, критикуваше дека милиониски суми се трошат самоволно и незаоконски, очекувавме помал буџет, а добивме повисок од претходниот. Поранешниот министер за финансии, Хајредини, на Топ тема на ваша страна рече дека најавите за зголемување на акцизата, Владата не може да ги оправда само со објаснување дека тоа нема да ја зголеми инфлацијата.

„Веруивам дека нема да биде големо зголемувањето на цените, но не е проблем само тоа што зголемената акциза нема да предизвика инфлација, факт е дека некои субјекти ќе плаќаат повеќе, и за нив не е битно дали ќе има или не инфлација, и факт е дека нема само богатите да бидат засегнати од оваа мерка“, вели Хајредини.

Реагираа и транспортерите, велат дека во патниот сообраќај  горивото  е основен двигател и зазама најголема ставка во цената на превозот. Ефектот од зголемената акциза, велат, дирекно ќе се одрази на нивното финансиско работење.

„Акцизата најголем негативен ефект ќе има кај сите превозни трговски друштва, кај земјоделците и сите кои нафтените деривати ги користат како погонско гориво во процесот на вршење на својата основна дејност“, велат од МАКАМТРАНС.

Од МАКАМТРАНС, кои претставуваат околу 2.000 друштва за превоз, до Владата и до министерствата за финансии и транспорт доставиле барање за измена на Законот за акцизи. Како примери ги посочуваат Србија и Словенија, каде со законот бил воспоставен систем за поврат на акцизата, кај трговските друштва кои можат да влијаат во зголемување на цените.

Земјоделците, пак, се поделени, дел сметаат дека Владата треба да ја преиспита намерата за зголемување на акцизата, или таа да не важи за земјоделството.

Други, пак, не очекуваат дека зголемената акциза драстично ќе ги зголеми трошоците.

„Самиот податок дека ќе дојде до зголемување на акцизата кое заедно со ДДВ ќе изнесува 3,5 денари за литар, мислам дека нема да доведе до толку драстично оптоварување кај земјоделското производство како што се зборува, бидејќи кај земјоделското производство многу повеќе влегуваат трошоците за репроматеријали, како што се ѓубривото, заштитните средства и сем,енскиот материјал“, вели Велков.

Од Министерството за земјоделство велат дека зголемувањето на акцизата не треба да ги загрижува земјоделците и потрошувачите, зашто нема да предизвика поскапување на земјоделските производи произведени на фарма. Со воведувањето на зелената нафта, трошоците за земјоделско производство ќе бидат значително намалени, за што законското решение е изготвено и наскоро ќе влезе во владина процедура, најавуваат од Министерството.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 950 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.