Прислушувањето продолжило и во 2015 година, се сомнева Прибе во новиот извештај

25 September, 2017 - 21:46

Две години по првиот извештај, состојбата останала главно непроменета. Експертската група предводена од Прибе во една реченица ги опишува реформите на следењето на комуникации во период од две години, меѓу неговата прва посета во 2015-та и втората визита во јуни.

Во точката број 56 од вториот извештај покрај забележаната ситуација за непроменетост пишува и:

-Итните мерки за превенција на нелегално прислушување воопшто не се преземени. УБК и натаму го држи монополот за пресретнување на комуникации и за безбедносно- разузнавачки цели и  за кривични истраги, што претставува чисто мешање во автономијата на полициските тела. УБК и натаму има директен пристап до опремата која овозможува пресликување на комуникацискиот сигнал. Има индикации дека илегалното следење комуникациии продолжило и по првите препораки на групата експерти. Не се вградени потребните заштитни мерки, механизмите за надзор и мерките за внатрешна контрола за да се спречи ризик од незаконско прислушување.

Министерот Спасовски извештајот на Прибе го оцени како реален. Вели дека се разгледуваат 4 модели за реформирање на системот за прислушување, но не кажува дали прислушувањето ќе оди од еден центар за сите институции кои имаат право да бркаат криминал со следење на комуникации, а тоа се УБК, разузнавање, царина и финансиско разузнавање. Или пак секој орган да има посебен свој систем за следење што би било скапа варијанта за државата. Спасовски само најавува дека се ќе се знае до Нова година.

Европските партнери бараат сериозно и брзо решение бидејќи две години предвидени за таа обврска си заминаа. Уште ништо не е сменето, а Прибе во новиот извештај во точката 64 праќа порака и до новата влада:

-Новата влада се чини е посветена на отстранување на слабостите во безбедносните и разузнавачките служби. Сепак, целата реформа, вклучувајќи ги и аспектите поврзани со надзорот, сè уште е во ембрион фаза. Потребен е меѓупартиски консензус, бидејќи измената на одредени закони бара собраниско гласање со квалификувано мнозинство.

Сите овие работи се на почеток, а во меѓувреме Прибе даде и нови препораки - првата е што побргу да има робустни огромни заштитни мерки да се спречи нелегално прислушување, а техничките можности за пресретнување на комуникации да бидат под строга незваисна и судска контрола. Последната порака на Прибе е до агентите и вработените во УБК - тие мора да бидат дел од промените во организациската култура на разузнавачките агенции, особено во УБК, која треба да обезбеди почитување на професионална етика, на законите за заштита на податоци како и почитување на основните човекови права при остварувањето на нивните должности во рамки на манадатот на Управата за безбедност и контраразузнавање. Тоа било заборавено со години во 5-тата зграда во кругот на МВР каде се наоаѓа седиштето на полициската тајна служба.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 1505 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.